Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БРОЕВИ 22

22
Валак и Валаам
1Потоа Израелевите синови отпатуваа и се влогорија во Моавските Полиња, отаде Јордан, спроти Ерихон. 2Валак, Сефоровиот син, виде сѐ што им стори Израел на Аморејците. 3Моав се исплаши мошне од тој народ зашто беше многуброен. Страв го опфати Моава од Израелците. 4Затоа Моав им рече на Мадијамските старешини: „Сега овој народ ќе изеде сѐ околу нас, како што волот ја испасува тревата по полето.“ Валак, синот Сефоров, беше моавски цар во тоа време. 5Тој му испрати посланици на Валаама синот Веоров, во Фатур, што се наоѓаше покрај Реката, во земјата на Амонците. Го повика, велејќи: „Еве, еден народ дошол од Египет; еве го покри лицето на земјата и се насели покрај мене. 6Затоа дојди и проколни ми го овој народ, зашто е посилен од мене. Така ќе можам да го совладам и да го истерам од земјата. А знам дека е благословен оној кого ќе го благословиш, а проклет е оној кого ќе го проколнеш.“
7Моавските старешини и Мадијамските старешини тргнаа со подароци во своите раце за вражање. Стигнаа при Валаама и му ја пренесоа Валаковата порака. 8Тој им рече: „Ноќевајте тука, па ќе ви одговорам според она што ќе ми каже Господ.“ Така моавските управители останаа кај Валаама. 9Бог дојде при Валаама и праша: „Кои се тие луѓе со тебе?“ 10Валаам Му одговори на Бога: „Валак, Сефоровиот син, ги испрати кај мене со порака: 11‘Еве, еден народ дошол од Египет и го покри лицето на земјата. Дојди да го проколнеш. Така ќе можам да го совладам и да ги истерам.’“ 12Но Бог му рече на Валаама: „Не оди со нив! Не проколнувај го оној народ, зашто е благословен.“ 13Наутро Валаам стана и им рече на Валаковите кнезови: „Одете си во вашата земја, зашто Господ не ме остава да тргнам со вас.“ 14Моавските кнезови станаа, отидоа кај Валака и му рекоа: „Валаам не сакаше да тргне со нас.“
15Валак пак испрати кнезови, помногубројни и поугледни од првите. 16Тие дојдоа кај Валаама и му рекоа: „Валак, синот Сефоров, порача вака: ‘Не двоуми се, туку дојди при мене. 17Ќе те наградам богато и ќе направам сѐ што ќе речеш. Дојди, те молам, и проколни ми го овој народ!’“ 18Но Валаам им одговори на Валаковите слуги: „Да ми ја даде Валак својата куќа полна со сребро и злато, не би можел да ги престапам заповедите на Господа, мојот Бог, за да направам нешто, било големо било мало. 19Но поминете ја и вие ноќта тука, за да научам што ќе ми рече уште Господ.“ 20Во ноќта Бог дојде при Валаама и му рече: „Ако тие луѓе дојдоа да те повикаат, стани, тргни со нив! Но да правиш само тоа што ќе ти речам Јас!“
Божји гнев заради непослушност
21Наутро Валаам стана, и ѝ стави грубо дрвено седло на својата ослица и отиде со моавските кнезови. 22Но Божјиот гнев пламна зашто тој тргна. Затоа Господов Ангел застана на патот за да го спречи. Тој јаваше на својата ослица, а го придружуваа неговите два момка. 23Кога ослицата го забележа Господовиот Ангел како што стои на патот, со извлечен меч во раката, сврти од патеката и тргна по полето. Валаам почна да ја бие ослицата за да ја врати на патот. 24Тогаш Господовиот Ангел застана при тесниот премин, меѓу лозјата, а имаше ограда и од оваа и од онаа страна. 25Ослицата, забележувајќи го Господовиот Ангел, се стисна покрај ѕидот и ја притисна до ѕидот Валаамовата нога. Тој пак почна да ја бие. 26Господовиот Ангел тргна напред па застана на тесно место, каде не можеше да сврти ни десно ни лево. 27Кога ослицата го согледа Господовиот Ангел, легна под Валаама. Валаам се налути и почна да ја бие ослицата со стап. 28Тогаш Господ ја отвори устата на ослицата, па таа му проговори на Валаама: „Што ти сторив па ме биеш веќе трипати?“ 29Валаам ѝ одговори на ослицата: „Затоа што ме навреди! Да имам меч во раката, сега ќе те убиев!“ 30А ослицата му одговори на Валаам: „Зар јас не сум твојата ослица на која јаваше во текот на целиот твој век до денес? Дали имав навика да постапувам така со тебе?“ „Не!“ одговори тој.
31Тогаш Господ му ги отвори очите на Валаама, и тој го виде Господовиот Ангел како што стои на патот, со гол меч во раката. Тој ја наведна главата и му се поклони. 32Тогаш Господовиот Ангел му рече: „Зошто ја биеше веќе трипати твојата ослица? Па јас истапив за да те спречам, зашто, пред моите очи, патот те води во пропаст. 33Ослицата ме забележа и се отстрани од мене сите трипати. Ако не ми се отстрануваше, веќе ќе те убиев, а неа ќе ја оставев жива.“ 34Тогаш Валаам му рече на Господовиот Ангел: „Согрешив! Не знаев дека ти стоиш на патот пред мене. Но сега, ако е зло во твоите очи, јас ќе се вратам.“ 35Но Господовиот Ангел му одговори на Валаам: „Оди со луѓето, но зборувај само она што јас ќе ти кажам.“ Така Валаам отиде со Валаковите првенци.
Валаам при Валака
36Кога Валак чу дека доаѓа Валаам, му излезе во пресрет до градот Моав што се наоѓа на границата на Арнон, на крајот на подрачјето. 37„Зар не праќав упорно по тебе и те повикував? Зошто не ми дојде? - му рече Валак на Валаама. Зар навистина не можам да те наградам богато?“ 38„Еве ти дојдов - му рече Валаам на Валака. Но дали ќе можам да ти кажам нешто сега? Само она што Господ ќе го положи на јазикот, тоа ќе го зборувам.“ 39Потоа Валаам тргна со Валака и дојдоа во Киријат-Узот. 40Валак жртвува и волови и овци, па од тоа им раздаде на Валаам и на кнезовите, кои го придружуваа.
Прв Валаамов благослов
41Наутро Валак го зеде Валаама и го одведе на високите Ваалови места, откаде можеше да го види крајниот дел на народот.

Селектирано:

БРОЕВИ 22: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се