Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БРОЕВИ 21

21
Победа над Арад
1Царот на Арад, Хананец, кој живееше во Негев, чу дека Израел доаѓа по Атаримскиот Пат, па се нафрли врз Израел и зароби неколку од нив. 2Тогаш Израел вака Му се заветува на Господа: „Ако го предадеш во мои раце овој народ, наполно ќе ги разурнам неговите градови.“ 3Господ го послуша гласот на Израел и му ги предаде Ханаанците. А Израел ги уништи нив и нивните градови со „истребување“. Затоа она место беше наречено Орма (Проклетство).
Отровни змии
4Од гората Ор се запатија кон Црвеното Море за да ја заобиколат Едомската Земја. Патем народот стана нетрпелив. 5И почна да зборува и против Бога и против Мојсеја: „Зошто нѐ изведовте од Египет, за да изумреме во оваа пустина? Нема леб, нема вода, а тоа бедно јадење веќе им се згади на нашите души.“ 6Тогаш Господ испрати лути змии против народот; тие ги каснуваа, така што изумре многу народ во Израел. 7Народот дојде при Мојсеја и рече: „Згрешивме кога зборувавме против Господа и против тебе. Помоли Му се на Господа да ги отстрани змиите од нас!“ Мојсеј се помоли за народот, 8и Господ му рече на Мојсеја: „Направи отровница и стави ја на столб: секој кој ќе биде каснат, ќе остане жив ако ја погледне.“ 9Мојсеј направи змија од бронза и ја стави на столб. Кога лутицата ќе каснеше некого, ќе погледнеше во бронзената змија и оздравуваше.
10Израелевите синови тргнаа и се настанија во Овот. 11Потоа отпатуваа од Овот и ги оптегнаа шаторите крај Ије-Аварим, во пустината што е спроти Моав, од страна на изгрејсонцето. 12Оттаму отпатуваа и заседнаа во долината Заред. 13Оттаму тргнаа и се настанија од онаа страна на Арнон, што е во пустината, а извира во подрачјето на Аморејците. Затоа Арнон е моавска граница, меѓу Моавците и Аморејците. 14Затоа се вели во „Книгата на Господовите војни:“ 15„Вајеф во Суфа и арнонските потоци и падината на долината што се наведнува кон местото Ар и се допира до моавската граница…“
16Оттука отидоа во Вир (Кладенец). Тоа е кладенецот за кого Господ му рече на Мојсеја: „Собери го народот за да им дадам вода!“ 17Тогаш Израел ја запеа оваа песна:
„Бликај, о кладенче! А вие - пејте му; 18кладенецот, владетелите го ископаа, народните благородници со своите палки, го открија, со заповед на Законодавацот.“
Од пустината отидоа во Матан, 19од Матан во Налиел, а од Налиел во Вамот; 20од Вамот во долината што се спушта во Моавското Поле, при врвот Фазге, од каде се тегне глетка кон пустината.
Пораз на аморејски цар Сион
21Сега Израел испрати пратеници при Сион, аморејски цар, со порака: 22„Пушти нѐ да поминеме преку твојата земја. Нема да навраќаме во нивите и во лозјата, ниту ќе пиеме вода од кладенците. Ќе одиме по Царскиот Пат додека не поминеме низ твоето подрачје.“ 23Но Сион не му дозволи на Израел да помине низ неговото подрачје, туку го собра сиот свој народ па излезе во пустината, за да го пресретне Израел. Откако стигна до Јаса, завојува против Израел. 24Но Израел го порази со остар меч и ја освои неговата земја од Арнон до Јавок, до Амонците, зашто Аз (Јазир) лежеше на границата на Амонците. 25Израел ги зеде сите оние градови, и Израел се насели во сите оние градови на Аморејците; во Есевон и во сите негови населби. 26Бидејќи Есевон беше главен град на Сион, аморејскиот цар, кој војуваше против поранешниот моавски цар, па ја освои сета негова земја до Арнон, 27затоа зборувачите во пословици велат:
„Одете во Есевон! Нека се изгради и нека се утврди Сионовиот град! 28Зашто од Есевон пламна оган, пламен од градот Сионов, го опожари Моавскиот Ар, и првенците на високите арнонски места. 29Тешко ти тебе, Моаве! Пропадна! Хамосов народе! Направи бегалци од твоите синови, а робинки од твоите ќерки на аморејскиот цар Сион. 30Ги поразивме со стрели; пропадна Есевон сѐ до Девон: разурнувавме до Нофа, што е близу до Медева.“
Пораз на васански цар Ог
31Така Израелците се населија во земјата на Аморејците. 32Мојсеј се запати да го извиди Јазир. Потоа ги зазедоа неговите населби, а ги истераа Аморејците, кои беа таму. 33Тогаш се завртија и тргнаа кон Васан. А васанскиот цар Ог ги пресретна со сиот свој народ за да војува кај Едраин. 34Но Господ му рече на Мојсеја: „Не бој се од него! Ги предадов во твоите раце: него, сиот негов народ и неговата земја. Постапи со него како што постапи со аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон.“ 35И го поразија него, и неговите синови, и сиот негов народ. Потоа ја освоија неговата земја.

Селектирано:

БРОЕВИ 21: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се