Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БРОЕВИ 13

13
Дванаесет согледувачи
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Испрати луѓе, по еден човек од секое прадедовско племе, за да ја извидат Ханаанската Земја, што им ја давам на Израелевите синови. Испратете ги сите нивни главатари!“ 3По Господова заповед Мојсеј ги испрати од Фаранската Пустина. Сите тие луѓе беа главатари на Израелците. 4А ова се нивните имиња: Самоил, син Захуров, од Рувимовото племе; 5Сафат, син Хориев, од Симеоновото племе; 6Халев, син Ефониев, од Јудиното племе; 7Игал, син Јосифов, од Исахаровото племе; 8Осиј, син Навинов, од Ефремовото племе; 9Фалтиј, син Рафуев, од Венијаминовото племе; 10Гадиил, син Содиев, од Завулоновото племе; 11Гадиј, син Сусиев, од Јосифовото племе, од Манасиевото племе; 12Амил, син Гамалиев, од Дановото племе; 13Сетур, син Михаилов од Асировото племе; 14Навиј, син Вопсиев, од Нефталимовото племе; 15Гуел, син Макхиев, од Гадовото племе. 16Тоа се имињата на луѓето кои ги испрати Мојсеј за да ја извидат земјата.
Праќање на согледувачи
17Мојсеј ги испрати да ја согледаат Ханаанската Земја па им рече: „Одете горе во Негев, и искачете се на гората. 18Разгледајте ја каква е земјата. Дали народот, што живее во неа, е силен или слаб, дали е малуброен или е многуброен? 19Каква е земјата во која живее: добра или лоша? Какви се градовите во кои престојува: отворени или утврдени? 20Каква е почвата: плодна или посна? Има ли дрва по неа или нема? Бидете слободни и земете од плодовите на таа земја.“ Туку што беше време на раното грозје. 21Тие отидоа горе да ја извидат земјата од пустината Син до Реова, што е на влезот во Емат. 22Се искачија на Негев и дојдоа до Хеврон, каде се наоѓаа Ахиман, Сесиј и Телиман, Енакови синови. Хеврон е основан седум години порано отколку Зоан во Египет. 23Кога стигнаа во долината Есхол, отсекоа таму лоза со грозд и го понесоа, двајца, на стап; зедоа и калинки и смокви. 24Тоа место беше наречено Долина Есхол, заради гроздот што Израелците го отсекоа таму. 25По четириесет денови се вратија од земјата што ја согледуваа.
Извештај на согледувачите
26Отидоа при Мојсеја и Арона и при целото Израелско општество во Кадис, во Фаранската Пустина. Им поднесоа извештај ним и на целата заедница, а тогаш им ги покажаа плодовите на земјата. 27И тие го известија: „Отидовме во земјата во која што нѐ испрати. Навистина низ неа течат мед и млеко. Еве ги нејзините плодови. 28Но силен е народот што живее во земјата, градовите се утврдени и многу се големи. А видовме таму и Енакови потомци. 29Амаликците живеат во Негевскиот крај; Хетејците, Евусејците и Аморејците живеат на планината, а Ханаанците се наоѓаат покрај морето и вдолж на Јордан.“ 30Халев го замолчи народот околу Мојсеја и проговори: „Да тргнеме не двоумејќи се и да ја заземеме, зашто можеме да ја покориме!“ 31Но луѓето кои одеа со него одговорија: „Не можеме да одиме против оној народ, зашто е посилен од нас.“ 32И почнаа да ја прикажуваат лошо, пред Израелците, земјата што ја согледуваа: „Земјата низ која поминавме за да ја извидиме е земја што ги голта своите жители. Сиот народ што го видовме во неа се луѓе со крупен раст. 33Видовме и дивови таму - Енаковото потомство од дивови. Ни се чинеше дека сме како скакулци спрема нив.“

Селектирано:

БРОЕВИ 13: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се