Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БРОЕВИ 14

14
Израелева буна
1Тогаш завреви целото општество и почна да вика. И народот плачеше во таа ноќ. 2Сите Израелци роптаа против Мојсеја и Арона. Целата заедница им зборуваше: „О, да умревме во Египетската Земја! Или да изумревме во пустинава! 3Зошто Господ нѐ води во таа земја, за да паднеме од меч, а нашите жени и деца да станат робови! Зар не ќе ни биде подобро да се вратиме во Египет?!“
4И си велеа еден на друг: „Да си поставиме водач и да се вратиме во Египет!“ 5Мојсеј и Арон паднаа на своите лица пред целата собрана израелска заедница. 6А Исус, синот Навинов, и Халев, синот Ефониев, кои беа меѓу оние кои ја согледуваа земјата, ја скинаа својата облека. 7Потоа му рекоа на целото Израелско општество: „Земјата низ која поминавме за да ја согледаме е премногу добра. 8Ако ни биде Господ милостив, ќе нѐ доведе во таа земја, и ќе ни ја даде. Тоа е земја во која течат мед и млеко. 9Само, не бунете се против Господа! Не бојте се од народот на онаа земја; па тој е залаг за нас. Тие се без заштита, а Господ е со нас! Не бојте се од нив!“
Господов гнев
10И додека целото општество веќе мислеше да ги каменува, Господовата слава им се јави во Шаторот на средбата на сите Израелеви синови. 11Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „До кога ќе Ме презира тој народ? До кога не ќе Ми верува и покрај сите знаци што ги извршив среде нив? 12Ќе ги удрам со помор и ќе ги истребам, а од тебе ќе направам народ поголем и посилен од него.“
Застапување на Мојсеј за народот
13Тогаш Мојсеј Му рече на Господа: „Египетците сфатија дека Ти, со Твојата сила, го изведе овој народ отсреде нив. 14Тие им го кажаа тоа на жителите на онаа земја. Веќе научија дека Ти си, Господи, среде овој народ, кому му се јавуваш лице во лице, и дека Ти, Господи, стоиш во облак над него, дека одиш пред него дење во столб од облак, а ноќе во столб од оган. 15Затоа, ако го истребиш овој народ како еден човек, народите што чуја глас за Тебе, ќе речат: 16‘Господ беше немоќен да го доведе овој народ во земјата што му ја вети под заклетва, и затоа го погуби во пустината.’ 17Затоа нека се возвеличи силата на Мојот Господ, како што рече, велејќи: 18‘Господ е долготрпелив и многумилостив; ги проштава беззаконијата и престапите, но не го остава виновниот неказнет, туку го казнува безаконието на татковците врз децата до третото и четвртото поколение.’ 19Прости му го гревот на овој народ, по Твојата голема милост, како што му проштаваше на овој народ од Египет дотука.“
20„Им проштавам, на твојот збор - рече Господ. 21Но Јас Сум жив и со Господовата слава е полна целата земја! 22Сите кои ги видоа: Мојата слава и знаците што ги направив во Египет и во пустината, па сепак ме искушуваа десетпати не сакајќи да го послушаат Мојот глас, 23нема да ја видат земјата што со заклетва им ја ветив на нивните татковци; сите, кои Ме презираат, нема да ја видат. 24А Мојот слуга Халев, зашто во него беше инаков дух и зашто ми беше послушен, Јас ќе го воведам него во земјата во која влезе, и неговите потомци ќе ја наследат! (Амаликците и Ханаанците живеат во долината). 25Вратете се утре и тргнете кон Црвеното Море.“
26Уште Господ им рече на Мојсеја и Арона: 27„До кога тоа лукаво општество ќе ропта против Мене? Ги чув оптужбите што Израелевите синови ги подигаат против Мене. 28Кажи им: ‘Жив Сум Јас, вели Господ, како што зборувавте во Моите уши, така и ќе ви сторам. 29Вашите мртви тела ќе паднат во оваа пустина: на сите вас што сте запишани во кој и да е попис од дваесет години нагоре, кои викавте против Мене. 30Нема да влезете во земјата, против која ја дигнав Мојата рака, за да ве населам во неа, освен Халев, синот Ефониев, и Исус синот Навинов. 31А вашите деца, за кои велевте дека ќе станат робови, нив ќе ги воведам за да ја населат земјата што вие ја презревте. 32А вие! Вашите трупови ќе паднат во пустинава! 33Вашите синови ќе скитаат низ пустината четириесет години, ќе трпат заради вашата невера додека не ви испопаѓаат телата во пустинава. 34Според бројот на деновите во кои ја согледувавте земјата - четириесет денови; за секој ден една година - четириесет години ќе ги носите вашите беззаконија, за да знаете што значи да се биде оттуѓен од Мене. 35Јас, Господ, го велам тоа: така ќе постапам со оваа зла заедница, што се собрала заедно против Мене: сите тие ќе загинат и ќе изумрат во пустинава.’“
36А оние луѓе, кои Мојсеј ги испрати да ја согледаат земјата, и кои по враќањето го возмутија целото општество против него, прогласувајќи ја земјата за лоша; 37тие, кои ја прикажаа земјата како лоша, изумреа од помор пред Господа. 38Само Исус, синот Навинов, и Халев, синот Ефониев, останаа живи од оние луѓе, кои отидоа да ја согледаат земјата.
39Кога Мојсеј им ги пренесе зборовите на Израелците, луѓето плачеа горчливо, 40станувајќи рано, почнаа да се искачуваат кон врвот на гората, велејќи: „Еве се искачуваме кон местото за кое зборуваше Господ, зашто згрешивме.“ 41А Мојсеј рече: „Зошто ја престапувате Господовата заповед? Не ќе успеете. 42Не одете горе, оти Господ не е помеѓу вас, да не би да ве поразат вашите непријатели. 43Зашто Амаликците и Ханаанците таму се пред вас, и ќе паднете од меч; зашто отстапивте од Господа и затоа Господ не ќе биде со вас.“ 44Но тие се искачуваа упорно кон врвот на гората, иако ни Ковчегот на Господовиот Завет ни Мојсеја не го оставија логорот. 45Амаликците и Ханаанците, кои живееја на планината, слегоа, удрија на нив и ги гонеа сѐ до Хорма.

Селектирано:

БРОЕВИ 14: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се