Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БРОЕВИ 15

15
Лебни приноси
1Господ му рече на Мојсеја: 2„Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе влезете во земјата во која ќе живеете и која Јас ви ја давам, 3и кога ќе почнете да Му принесувате жртва на Господа: паленица или закланица, жртва заветница или доброволна, или принос по повод вашите празници - правејќи така од крупниот или од ситниот добиток пријатен мирис за Господа - 4жртвоприносникот нека го принесе својот дар на Господа: лебен принос од десет ефи чисто брашно, измешано со четврт ин масло. 5Покрај паленицата или покрај закланицата принеси четвртина ин вино за налевница на секое јагне. 6А принесувајќи овен, принеси и лебен принос: две десетини ефи пченично чисто брашно, измешано со една третина ин масло; 7принеси и вино за налевница третина ин за благоугоден мирис на Господа. 8Ако Му принесуваш на Господа јунец како паленица или како закланица, за да исполниш завет или како помирителна жртва, 9тогаш покрај јунецот нека се принесат: три десетини ефа пченично чисто брашно, измешано со половина ин масло, 10а за налевница принеси половина ин вино, како паленица за пријатен мирис на Господа.’
11‘Така нека се постапи при секое принесување на вол, на овен, и на секоја глава ситен добиток, овца или коза: 12колку и да ги принесете, направете така за секое одделно, според нивниот број. 13Секој роден во татковината нека постапува вака, кога принесува палена жртва за пријатен мирис на Господа. 14И ако некој туѓинец, кој живее среде вас, или ќе биде среде вашите потомци, посака да принесе паленица за благоугоден мирис на Господа, нека прави така како што правите и вие. 15Нека е еден закон и за вас и за туѓинецот, кој живее среде вас. Тоа е вечен закон за вашите поколенија: пред Господа, како што е со вас, така нека биде и со странецот, кој живее среде вас. 16Еден закон и една заповед да е за вас и за туѓинецот кој е придојден меѓу вас.’“
Воздигнат принос на Господа
17Господ му рече на Мојсеја: 18„Зборувај им на Израелевите синови и речи им: ‘Кога ќе дојдете во земјата во која ве водам, 19и кога ќе го јадете лебот на таа земја, принесете Му воздигнат принос на Господа. 20Како првина од своето тесто принесете еден колач како воздигнат принос; принесете го како и воздигнат принос од гумното. 21Од првините на своето тесто давајте Му на Господа воздигнат принос од поколение до поколение.’
Жртва за грев од незнаење
22‘Ако згрешите неволно и не исполнувате некоја од заповедите што Господ ги соопшти преку Мојсеја - 23сѐ што Господ ви нареди преку Мојсеја, оттогаш кога ви ги даде заповедите па натаму од колено до колено - 24тогаш: ако е направено тоа поради невнимание скришно од општеството, целото општество нека принесе еден јунец како паленица за пријатен мирис на Господа со лебен принос и со налевница, според правилникот, и еден јарец во жртва за грев. 25И свештеникот ќе направи покривање на гревот за целото општество на Израелевите синови, па ќе им биде простено; зашто тоа беше грешка, а тие го принесоа својот дар - палена жртва на Господа - и принос за грев пред Господа за своето невнимание. 26Ќе ѝ биде простено на сета израелска заедница, а така и на странецот, кој живее среде нив, зашто целиот народ згреши од незнаење.’ 27‘Ако згреши поединец од незнаење, нека принесе едно женско јаре годиначе како жртва за грев. 28И свештеникот ќе направи покривање на гревот за човекот, кој згрешил неволно од незнаење, и ќе биде чист, и ќе му биде простено. 29Кога некој ќе згреши од невнимание, нека ви важи еден закон и за домородецот и за странецот, кој живее среде вас. 30Но оној кој направи нешто волно, било да е роден во татковината или странец, тој хули на Господа. Таквиот нека биде истребен од својот народ, 31зашто го презре Господовото слово и ја прекрши Неговата заповед. Таквиот нека биде истребен. Неговата вина нека падне на него!’“
32Кога Израелевите синови беа во пустината, најдоа човек како бере дрва во саботен ден. 33И тие, кои го најдоа дека бере дрва, го доведоа при Мојсеја и Арона и при целото општество. 34Го ставија под стража, зашто уште не беше одредено што треба да се прави со него. 35„Човекот треба да биде погубен! - му рече Господ на Мојсеја. Сето општество нека го затрупа со камења надвор од логорот.“ 36Целата заедница го изведе надвор од логорот и го каменува, и тој загина, како што Господ му заповеда на Мојсеја.
37Господ му рече на Мојсеја: 38„Зборувај им на Израелевите синови и речи им: Нека прават реси на рабовите на своите облеки, од род до род; а за ресата на секој раб нека врзуваат сина врвца. 39Ќе имате реси за да ве потсетува погледот врз нив на сите Господови заповеди. Исполнувајте ги, а не се занесувајте со своето срце и со своите очи што толку лесно ве заведуваат во неверие. 40Така ќе си спомнувате за сите Мои заповеди, ќе ги исполнувате и ќе бидете свети пред вашиот Бог. 41Јас Сум Господ, вашиот Бог, Кој ве изведе од Египетската Земја за да ви бидам Бог. Јас, Господ, вашиот Бог.“

Селектирано:

БРОЕВИ 15: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се