Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БРОЕВИ 16

16
Кореово бунтување
1Кореј, син Исаров, син Каатов, син Левиев, па Датон и Авирон, синови Елијавови, и Авнан син Фалетов - Рувимови потомци - 2се дигнаа против Мојсеја заедно со двеста и педесет Израелеви синови, главатари на заедницата, угледни во собранието и познати луѓе. 3Тие се собраа околу Мојсеја и Арона, велејќи им: „Вие ја преминувате мерата! Сета заедница, сите нејзини членови, се свети, Господ е и среде нас. Зошто тогаш се возвишувате над Господовото општество!“ 4Кога Мојсеј го чу тоа, падна на своето лице. 5Потоа им рече на Кореј и на целата негова дружина: „Утре Господ ќе покаже кој е Негов, и кој е свет, и кому му дозволува да Му се приближи. Кого ќе избере, и кого ќе го пушти при Себе. 6Направете вака: земете кадилници, Кореј и сите негови содружници; 7утре ставете во нив оган и посипете одозгора темјан пред Господа. Кого Господ ќе го избере, тој нека биде свет. Вие ја преминувате мерата, синови Левиеви.“ 8Потоа Мојсеј му рече на Кореј: „Почујте, Левиеви синови! 9Зар ви е малку што Израелевиот Бог ве издвои од Израелевото општество, за да ве приближи кон Себе за да ја вршите службата во Господовиот Шатор, и да стоите пред заедницата служејќи ѝ? 10Те доближи тебе и со тебе сите твои браќа, Левиеви синови; а вие уште барате и свештенство! 11Ти и сета твоја дружина, така, се собравте против Господа; зашто кој е Арон за да викате против него?“
Датанов и Авиронов бунт
12Потоа Мојсеј испрати по Датан и Авирон, синовите Елијавови, но тие одговорија: „Не доаѓаме! 13Зар е малку што нѐ изведе од земјата во која течат мед и млеко за да нѐ погубиш во пустинава; па сакаш насилно да загосподариш над нас? 14Не нѐ воведе во земја во која течат мед и млеко и не ни даде во наследство ниви и лозови насади! Сакаш ли да им ги ослепиш очите на луѓево! Не доаѓаме!“
15Мојсеј се налути многу и Му рече на Господа: „Не обѕрнувај се на нивните приноси! Не присвоив ниту едно нивно осле, ниту оштетив некого од нив.“ 16Потоа Мојсеј му рече на Кореј: „Ти и сета твоја дружина истапете утре пред Господа; ти и тие, и Арон. 17Секој нека ја земе својата кадилница, нека стави темјан во неа и секој нека ја донесе својата кадилница пред Господа - двеста и педесет кадилници. А и ти и Арон донесете ја секој својата кадилница.“ 18Секој ја зеде својата кадилница, стави оган во неа, потоа одозгора посипа темјан и застана, со Мојсеја и Арона, кај влезот во Шаторот на средбата. 19Кога - спроти нив - Кореј го собра целото општество при влезот во Шаторот на средбата, тогаш Господовата слава ѝ се покажа на сета заедница.
20И Господ им рече на Мојсеја и Арона: 21„Одделете се од заедницава за да ја сотрам веднаш!“ 22Тие паднаа ничкум и извикаа: „Боже! Господару на духовите на секое тело! Зар ќе се разгневиш на сета заедница, кога згрешил само еден!“ 23Тогаш Господ му рече на Мојсеја: 24„Речи му на општеството: ‘Отстранете се од околината на живеалиштата на Кореј, Датан и Авирон!’“ 25Мојсеј стана и тргна кон Датан и Авирон. По него тргнаа Израелевите старешини. 26И вака му проговори на општеството: „Отстапете од шаторите на тие нечесни луѓе! Не допирајте се до ништо што е нивно, за да не бидете уништени заради нивните гревови.“ 27Така тие се оддалечија од околината на живеалиштата на Кореј, Датан и Авирон. Тогаш Датан и Авирон излегоа и застанаа при влезот на своите шатори со своите жени, со своите синови и со своите мали деца. 28„По ова ќе видите - рече Мојсеј - дека Господ ме испрати да ги исполнувам сите овие дела, и дека не ги правам сам од себе: 29ако овие луѓе умрат како што умираат сите луѓе, тогаш Господ не ме испратил; ако ги стигне таква казна, каква што ги стигнува сите луѓе, тогаш Господ не ме испратил. 30Но ако Господ направи нечуено: ако земјата ја отвори својата утроба и ги проголта со сѐ што е нивно, па ако слезат живи во подземјето, тогаш знајте дека овие луѓе Го презреа Господа.“
31А кога тој ги заврши сите тие зборови, почвата под нив распука; 32земјата ја отвори својата утроба и ги проголта со нивните домови, со сите Корееви луѓе и со сиот нивен имот. 33Живи слегоа во подземјето, тие и сѐ нивно. Потоа земјата се затвори над нив, и тие исчезнаа од собранието. 34На нивниот писок сите Израелеви синови, кои стоеја околу нив, избегаа, говорејќи: „Да не нѐ проголта и нас земјата!“ 35Но оган избувна од Господа и ги голтна двеста и педесетте луѓе кои принесуваа темјан.
36Господ му рече на Мојсеја: 37„Кажи му на Елеазар, синот на свештеникот Арон да ги отстрани кадилниците од пожариштето, зашто се осветени, а неосветениот оган од нив нека го распрсне подалеку. 38Кадилниците на оние кои згрешија и кои со гревот го закопаа животот нека се прековат во плочки за обложување на жртвеникот. Имено, беа донесени пред Господа, па се осветени. Нека им бидат опомена на сите Израелеви синови!“ 39Така свештеникот Елеазар ги зеде бронзените кадилници што ги принесоа оние кои изгореа; ги прековаа во плочки за обложување на жртвеникот. 40Тие се опомена за Израелевите синови дека никој неповикан - никој кој не е од Ароновото поколение - не смее да се приближи да пали темјан пред Господа, за да не му се случи како на Кореј и на неговата дружина, според она што Господ му кажа преку Мојсеја.
Ропот против Мојсеја и Арона.
41Утреден целото општество на Израелевите синови возропта против Мојсеја и Арона: „Го истепавте Господовиот народ!“ зборуваа. 42Додека заедницата се собираше против Мојсеја и Арона, тие се свртија кон Шаторот на средбата, и ете, облак го покри и Господовата слава се јави. 43Тогаш Мојсеј и Арон отидоа пред Шаторот на средбата. 44И Господ му рече на Мојсеја: 45„Оддалечете се од заедницата; ќе ги погубам во еден миг!“ Но тие паднаа на своите лица. 46Потоа Мојсеј му рече на Арона: „Земи кадилница, стави оган од жртвеникот во неа, сложи темјан и побрзај до заедницата, па застапи се за неа, зашто Господовиот гнев избувна, и злото почна!“ 47Арон зеде што му рече Мојсеј и отрча среде собранието, а кога таму: поморот почнал веќе меѓу народот. 48Потоа застана меѓу мртвите и живите, и злото запре. 49Од тоа зло беа четиринаесет илјади и седум стотини мртви, освен оние кои загинаа заради Кореј. 50Арон се врати кај Мојсеја, кон влезот на Шаторот на средбата: и поморот запре.

Селектирано:

БРОЕВИ 16: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се