Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 САМОИЛ 11

11
Б. Почеток на Сауловото царување
1. Саулова победа над Амонците
1Од прилика по месец дена Амонецот Наас дојде и се влогори кај Галадовиот Јавис. Сите јависци му порачаа на Наас: „Склучи сојуз со нас, па ќе ти се покориме.“ 2Но Амонецот Наас одговори: „Вака ќе склучам сојуз со вас: на секој од вас ќе му го извадам десното око, и така ќе му направам срам на сиот Израел.“ 3А јависките старешини му рекоа: „Остави ни седум денови, за да испратиме гласници во сите Израелеви краеви, па ако не се најде никој за да нѐ избави, ќе ти се предадеме тебе.“ 4И пратениците дојдоа во Саулова Гаваја па му изложија сѐ на народот за да чуе. Тогаш сиот народ заплака со висок глас.
5А ете, Саул токму одеше по добитокот од полето, па праша: „Што им е на луѓето па плачат?“ И му раскажаа што рекоа јависците. 6Кога Саул ги чу тие зборови, Господовиот Дух слезе на него, и силен гнев зовре во него. 7И тој зеде два вола, ги насече, и деловите ги испрати по пратеници во сите Израелеви краишта и порача: „Кој не ќе тргне по Саула, вака ќе биде со неговите говеда.“ И Божјиот страв ги опфати луѓето, па тргнаа како еден човек. 8Саул ги преброја во Везек: и имаше Израелеви синови три стотини илјади, а Јудини луѓе триесет илјади. 9Потоа им рече на пратените кои што беа дошле: „Вака речете им на јависците во Галад: ‘Утре кога сонцето ќе припече, ќе ви стигне помош.’“ Кога посланиците се вратија, им го јавија сѐ тоа на јависците, и тие се зарадуваа. 10И му порачаа на Наас: „Утре ќе излеземе кон вас, па направете со нас како што ќе ви биде мило.“ 11Утреден Саул го раздели народот во три чети, кои навлегоа во логорот при утринската стража, и ги поразија Амонците под најголемата дневна жега; а тие што останаа живи се распрснаа така што ни двајца не останаа заедно.
12Тогаш народот му рече на Самоила: „Кој е оној што зборуваше: ‘Зар Саул ќе царува над нас?’ Дајте ги тие луѓе за да ги погубиме!“ 13Ама Саул одговори: „Нека никој не биде погубен во овој ден, зашто денес Господ извојува победа во Израел.“ 14Тогаш Самоил му рече на народот: „Ајде во Галгал, таму да го потврдиме царството.“ 15И сиот народ тргна во Галгал, и таму го поставија Саула за цар пред Господа, во Галгал. Таму жртвуваа пред Господа помирителни жртви, и таму Саул, со сите Израелци, прославуваше прослава.

Селектирано:

1 САМОИЛ 11: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност