Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 САМОИЛ 10

10
3. Саулово помазание за цар
а. Самоил го помазува Саула и му дава низа знаци
1Тогаш Самоил зеде сад со масло па го излеа врз главата на Саула, потоа го пољуби и рече: „Со ова Господ те помаза за кнез над Својот народ Израел. Ти ќе владееш над Господовиот народ, и ќе го избавиш од рацете на неговите непријатели наоколу. И еве ти знак дека Господ те помаза за кнез над Своето наследство. 2Кога ќе заминеш сега од мене, ќе најдеш двајца луѓе кај Рахилиниот Гроб, на границата на Венијаминовата Земја, во Селса. Тие ќе ти речат: ‘Се најдоа ослиците, кои тргна да ги бараш; и ете, твојот татко ги заборави ослиците, и се загрижи за вас и вели: „Што да направам за својот син?“‘ 3Кога ќе заминеш оттаму натаму и ќе дојдеш до Таворскиот Даб, ќе сретнеш таму тројца луѓе кои ќе одат горе кон Бога во Ветил. Едниот ќе носи три јариња, другиот три леба, а третиот мев со вино. 4Тие ќе те поздрават, и ќе ти дадат два леба, а ти прими ги од нивните раце. 5Потоа ќе дојдеш во Божја Гаваја каде се наоѓаат филистејските граничари. Кога ќе влезеш во градот, ќе сретнеш дружина пророци, кои ќе слегуваат од високото место, а пред нив псалтири, тапанчиња кавалчиња и гуслиња; и тие ќе пророкуваат. 6Тогаш Господовиот Дух ќе слезе на тебе, и ќе пророкуваш со нив, и ќе се измениш во друг човек. 7А кога ќе се исполнат тие знакови, тогаш прави како што ќе посакаш, зашто Бог е со тебе. 8Потоа ќе слезеш пред мене во Галгал, и јас ќе слезам при тебе, за да принесам паленици и помирителни жртви. Чекај седум денови додека не дојдам кај тебе и да те поучам што ќе правиш.“
9Штом Саул ги сврте плеќите за да си отиде од Самоила, Бог му го промени срцето, и сите оние знаци се исполнија во оној ден. 10Имено кога дојдоа во Гаваја, ете, му дојде во пресрет дружина пророци, и Божјиот Дух слезе на него, и тој пророкуваше среде нив. 11И кога сите, кои го познаваа отпорано, го видоа како пророкува со пророците, почнаа да зборуваат еден на друг: „Што се случи тоа со Кисовиот син? Зар е Саул меѓу пророците?“ 12А еден од нив одговори и рече: „А кој е нивниот татко?“ Од тоа стана пословицата: „Зар е и Саул меѓу пророците!“ 13Кога прекрати да пророкува Саул се врати дома. 14А Сауловиот чичко ги праша него и слугата: „Каде отидовте?“ А Саул одговори: „Да ги бараме ослиците; а кога видовме дека ги нема, отидовме кај Самоил.“ 15А неговиот чичко го замоли: „Раскажи ми што ви рече Самоил.“ 16А Саул му одговори на својот чичко: „Ни рече дека се најдоа ослиците.“ Ама не му рече ништо за царската чест што му ја прорече Самоил.
б. Израел го прима Саула за цар
17Потоа Самоил го свика народот пред Господа во Миспа 18и им рече на Израелевите синови: „Вака зборува Господ: ‘Јас го изведов Израел од Египет и ве избавив од египетските раце и од рацете на сите царства, кои ве угнетуваа.’ 19А вие го отфрливте денес својот Бог, Оној Кој ве избавуваше од сите ваши зла и од сите ваши неволји, и Му рековте: ‘Не, туку постави ни цар над нас!’ Затоа сега застанете пред Господа според своите племиња и родови.“
20Потоа Самоил ги приведе сите Израелеви племиња, и жрепката падна на Венијаминовото племе. 21Потоа го приведе Венијаминовото племе по родовите, и жрепката падна на Матриевиот род; и кога го приведе Матриевиот род, човек по човек, жрепката падна на Саула, синот Кисов; но кога го побараа, не го најдоа. 22Тогаш го прашаа уште еднаш Господа: „Дали дојде тој човек тука?“ А Господ одговори: „Ене го, се скрил зад товарот.“ 23Стрчаа и го доведоа оттаму; а кога застана среде народот, беше со главата и со рамениците повисок од сите. 24Тогаш Самоил му рече на сиот народ: „Видовте ли кого го избра Господ? Не му има рамен во сиот народ.“ И сиот народ почна да воскликнува и да вика: „Да живее царот!“ 25Тогаш Самоил му го соопшти на народот царското право и го запиша во книжен свиток што го положи пред Господа. Најпосле Самоил го отпушти сиот народ, за да си оди секој во својата куќа. 26Саул исто така се врати дома во Гаваја, а со него тргнаа јунаците на кои Бог им ги допре срцата. 27Ама некои ништожници рекоа: „Како ќе нѐ спаси тој?“ И го презреа и не му донесоа никаков подарок. Тој се преправаше како да не го гледа тоа.

Селектирано:

1 САМОИЛ 10: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се