Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 САМОИЛ 12

12
2. Самоил се откажува од званието судија
1Тогаш Самоил му рече на сиот Израел: „Еве ја исполнив вашата желба во сѐ што баравте од мене, и поставив цар над вас. 2И отсега царот ќе оди пред вас. А јас остарев и оседев, и моите синови ете, се меѓу вас. Јас одев пред вас од својата младост па до денешниот ден. 3Еве ме! Посведочите против мене пред Господа и пред Неговиот помазаник: кому му одзедов вол и кому му одзедов осле? Кого го измамив? Кого го угнетував? Од кого примив поткуп за да замижам на едното око? Јас ќе ви вратам назад сѐ.“ 4А тие одговорија: „Не нѐ измами, не нѐ угнетуваше, од никого не прими ништо.“ 5Уште им рече: „Господ е сведок за вас, и Неговиот помазаник е сведок во овој ден, дека не најдовте ништо во мојата рака.“ А тие одговорија: „Сведок е!“
6Тогаш Самоил му рече на народот: „Да, сведок е Господ, Кој ги постави Мојсеја и Арона и Кој ги изведе вашите татковци од Египет. 7Застанете сега тука, да поразговарам со вас пред Господа и да ве потсетам на сите големи дела, кои ви ги направи Господ вам и на вашите татковци. 8Кога Јаков дојде во Египет Египетците ги притиснаа, а вашите татковци извикаа кон Господа за помош. И Господ ги испрати Мојсеја и Арона, кои ги изведоа вашите татковци од Египет, и ги насели на ова место. 9Но тие Го заборавија Господа, својот Бог, и Тој ги предаде во рацете на Сисара, војводата на асорската војска, и во рацете на Филистејците и во рацете на моавскиот цар, кои војуваа против нив. 10И пак извикаа кон Господа за помош, говорејќи: ‘Згрешивме, зашто Го оставивме Господа и почнавме да им служиме на ваалите и на астартите; избави нѐ сега од рацете на нашите непријатели па ќе Ти служиме!’ 11И Господ ги испрати Еровала, Ведана, Ефтаја и Самоила, па ве избави од рацете на вашите непријатели, наоколу, така што можевте да живеете без страв. 12Ама кога го видовте Наас, амонскиот цар, како иде против вас, ми рековте: ‘Не, туку цар нека владее над нас!’ Па сепак е ваш Цар, Господ, вашиот Бог! 13И ете ви го сега царот кого го избравте! Ете, Господ постави цар над вас. 14Ако се боите од Господа и ако Му служите, ако го слушате Неговиот глас и не се противите на Неговите заповеди, ќе го следете Господа, својот Бог, вие и царот кој царува над вас. 15Ако не го слушате Господовиот глас, ако се противите на Неговите заповеди, тогаш Господовата рака ќе се спушти на вас и на вашиот цар, како што беше против вашите татковци. 16Сега пристапете уште еднаш и видете го големиот знак што Господ ќе го направи пред вашите очи. 17Не е ли сега пченичната жетва? Ама јас ќе Го повикам Господа, и Тој ќе испрати громови и дожд. И ќе разберете јасно колку е големо злото што го направивте пред Господа, барајќи цар за себе.“ 18Тогаш Самоил го повика Господа, и Господ испрати громови и дожд во оној ден, и сиот народ многу се исплаши од Господа и од Самоила.
19И сиот народ му рече на Самоила: „Моли Му се на Господа, на својот Бог, за своите слуги, за да не изумреме, зашто кон сите свои гревови додадовме зло - барајќи цар за себе.“ 20Ама Самоил му рече на народот: „Не бојте се! Навистина вие го сторивте сето ова зло, ама сега веќе не го оставајте Господа, туку служете Му на Господа со сето свое срце. 21Не клањајте им се веќе на ништожните кипови, кои не ви користат ништо, не ви помагаат ништо, зашто се само ништожества. 22А Господ нема да го отфрли Својот народ, заради Своето величествено име, зашто Господ благоволи да направи Свој народ. 23А нека биде далеку од мене за да Му згрешам на Господа, прекратувајќи да молам за вас и да ве упатувам на добар и чесен пат. 24Само бојте се од Господа, и служете Му нему искрено со сето свое срце; зашто колку големи дела направи за вас. 25Ако правите зло, ќе пропаднете вие и вашиот цар.“

Селектирано:

1 САМОИЛ 12: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност