Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 САМОИЛ 13

13
3. Саулова војна со Филистејци
а. Почеток на војување со Филистејци
1Саул царуваше една година, а втората година од царувањето над Израел, 2Саул си избра три илјади Израелци: две илјади од нив беа со Саула во Михмас и во Ветилската Гора, а едната илјада беше со Јонатан во Венијаминовата Гаваја. Другиот народ Саул го отпушти секого во неговиот шатор. 3Јонатан го разурна филистејскиот столб, што стоеше во Гаваја, и Филистејците научија дека Евреите се побунија. Саул заповеда па затрубија во рог по сета земја, 4и сиот Израел ја дозна новоста: „Саул го сурна филистејскиот столб, Израел му стана замразен на Филистејците!“ И народот почна да се собира околу Саула во Галгал. 5А Филистејците се собраа за да војуваат против Израел: три илјади бојни коли, шест илјади коњаници, а мноштво народ како песок на морскиот брег. И се влогорија кај Михмас, источно од Вет Авен. 6Кога Израелците видоа дека се во неволја и дека народот е притиснат од непријателот, се скрија во пештерите, во јамите, во камењиштата, во рововите и во водособиралиштата. 7Некои поминаа и преку бродовите на Јордан во земјата Гадова и Галадова. Саул уште беше во Галгал, а сиот народ околу него трепереше од страв.
б. Саулово самоволие
8Тој почека седум дена како што му одреди Самоил; но бидејќи Самоил не дојде во Галгал, народот почна да се разојдува од Саула. 9Тогаш Саул рече: „Донесете ми жртва паленица и помирителни жртви!“ И ја принесе жртвата паленица. 10И токму ја завршуваше жртвата паленица, кога ете го Самоила, и Саул му излезе во пресрет за да го поздрави. 11Самоил, го праша: „Што направи?“ А Саул одговори: „Кога видов дека народот се разојдува од мене, а ти да не доаѓаш до одредениот ден, а Филистејците се собрале во Михмас, 12помислив: ‘Сега Филистејците ќе удрат на мене во Галгал, а јас не ќе стигнам да Му се помолам на Господа со молитва!’ Затоа се осмелив и принесов жртва паленица.“ 13Самоил му рече тогаш на Саула: „Безумно постапи! Ако ја запазеше заповедта што ти ја даде Господ, твојот Бог, Господ би го зацврстил твоето царство над Израел довека. 14А сега твоето царство нема да се одржи трајно: Господ си побара човек според Своето срце и го одреди за кнез над Својот народ, зашто ти не го запази тоа што ти го заповеда Господ.“ 15Тогаш Самоил стана и си отиде од Галгал по својот пат во Венијаминова Гаваја.
в. Слабо вооружен одред на Саул и Јонатан
Народот што остана, тргна по Саула во пресрет на војниците. Штом дојдоа од Галгал во Венијаминова Гаваја, Саул го преброи народот што остана покрај него, и го имаше околу шест стотини. 16Саул и неговиот син Јонатан со луѓето кои што беа со нив заседнаа во Венијаминова Гаваја, а Филистејците се влогорија во Михмас. 17Тогаш од филистејскиот логор излезе чета пљачкаши во три одделенија: едното одделение удри кон Офра во Совалската Земја; 18второто одделение тргна кон Вет Орон, а третото одделение удри кон Гаваја што се крева покрај Севоим (Долината на Хиените) кон пустината.
19А по сета Израелева земја немаше ковачи, зашто Филистејците рекоа: „Треба да се стори сѐ за да не си прават Евреите мечеви и копја.“ 20Затоа сите Израелци одеа кај Филистејците ако некој сакаше да го прекове своето рало или мотиката, својата секира или остенот за воловите. 21Или ако им се скршеа врвовите на паличниците, мотиките, вилите, или секирите, или ако беше потребно да поправат кол. 22Така се случи на денот на битката кај Михмас никој од сиот народ, што беше со Саула и со Јонатана, немаше ни меч ни копје во раката; само Саул и неговиот син Јонатан ги имаа. 23А тогаш една филистејска стража беше излегла кон преминот кај Михмас.

Селектирано:

1 САМОИЛ 13: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност