Ефесјаните 6
6
Христијаните дома. Облекување во Божјо оружје. Крај.
1Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо.
2Почитувај ги татка си и мајка си! – тоа е првата заповед со ветување,
3за да ти биде добро, и да живееш долго на земјата.
4И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов!
5Вие, слугите, бидете им послушни на вашите господари по тело со страв и трепет, во простота на срцето, како на Христа,
6Не со слугување за очи како човечки угодници, туку како Христови слуги извршувајќи ја волјата Божја од срце,
7усрдно служејќи, како да Му служите на Господа, а не на луѓе,
8знаејќи дека секој, па било тоа роб или слободен, ќе добие од Господа според доброто, што го направил.
9А и вие, господарите, исто така, однесувајте се кон нив и бидете умерени во строгоста своја, знаејќи дека и над вас самите и над нив има на небесата Господар, во Кого нема лицемерност!
10Браќа, потсилувајте се во Господа и во силата на Неговата моќ!
11Облечете се во сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство;
12оти нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата.
13Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите.
14И така стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе се облечете во оклопот на правдата,
15и нозете да ви бидат обуени во приправност за да благовестите мир.
16А над сѐ, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги угаснете сите вжештени стрели на лукавиот;
17земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо!
18Со секаква молитва и просба молете се со духот во секое време и грижете се за тоа со постојанство и молба за сите светии,
19и за мене, та, кога ќе ја отворам устата да ми се даде слободно да ја соопштувам тајната на Благовестието,
20поради кое сум пратеник во окови, за да го проповедам смело, како што ми прилега.
21А за да знаете и вие, како сум и што работам, за сѐ ќе ве извести Тихик, возљубениот брат и верен слуга во Господа,
22кого го пратив при вас за истата работа, за да узнаете за нас, и да ги утеши срцата ваши.
23Мир на браќата и љубов со вера од Бога Отецот и од Господа Исуса Христа.
24Благодат со сите што неизминливо Го сакаат нашиот Господ Исус Христос. Амин!
Селектирано:
Ефесјаните 6: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016