Филипјаните 1
1
Павле, затвореник. Му благодари на Бога. Неговата молитва. Усовршување и опомена во постојана борба за верата.
1Од Павла и Тимотеја, слуги на Исуса Христа, до сите светии во Христа Исуса, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите:
2благодат и мир на вас од Бога, Отецот наш и од Господа Исуса Христа!
3Му благодарам на мојот Бог секогаш, кога си спомнувам за вас,
4– во секоја моја молитва се молам со радост за сите вас –,
5односно за вашето учество во Благовестието од првиот ден дури досега,
6уверен во тоа дека Оној, Кој го започна во вас доброто дело, ќе го извршува дури до денот на Исуса Христа,
7како што е и право да го мислам тоа за сите вас, оти ве имам на срце – и кога сум во окови, и кога го бранам и утврдувам Благовестието, бидејќи сите вие сте ми соучесници во благодатта.
8Бог ми е сведок колку многу ве сакам сите вас со љубовта на Исуса Христа.
9И се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува преку познавањето и разбирањето на сѐ,
10за да разликувате што е подобро, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христа,
11исполнети со плодови на правдата преку Исуса Христа, за слава и пофалба на Бога.
12Сакам, браќа, да знаете дека тие работи, што ми станаа, ми помогнаа за поголем успех на Евангелието,
13така што моите окови во Христа станаа познати на целата преторија и на сите други;
14и повеќето од браќата на Господа, поттикнати од моите окови, почнаа посмело, без страв, да го проповедаат словото Божјо.
15Некои, навистина, од завист и препирки, а други од добра волја Го проповедаат Христа;
16едните, од желба да се препираат, Го проповедаат Христа нечисто, мислејќи дека ја увеличуваат тежината на моите окови;
17другите, пак проповедаат од љубов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието.
18Но што од тоа? Како и да е, било дволично или искрено, Христос се проповеда; затоа се радувам и ќе се радувам,
19оти знам дека тоа ќе ми послужи за спасение со вашата молитва и преку дејството на Духот на Исуса Христа,
20како што очекувам со нетрпение и се надевам дека во ништо нема да се посрамам, но при секоја слобода, како секогаш, и сега ќе се возвеличи Христос во моето тело – било преку животот, било преку смртта.
21Оти за мене живот е Христос, а смртта – придобивка.
22Ако, пак, живеењето мое во тело ми придонесува плод на делото, тоа што да сакам повеќе, не знам.
23Ме привлекува и едното и другото: сакам да умрам и да бидам со Христа, бидејќи тоа е многу подобро;
24но да останам во телото е попотребно за вас.
25Јас знам сигурно дека ќе останам и ќе пребивам со сите вас за ваш успех и радост во верата,
26та пофалбата ваша во Христа Исуса да се умножува преку мене кога повторно ќе дојдам при вас.
27Живејте само достојно за Христовото Евангелие, та, ако дојдам и ве видам, или отсуствувам, да чујам за вас дека стоите во еден дух, борејќи се еднодушно за евангелската вера,
28и во ништо не плашете се од противниците; тоа е знак за нивната погибел, а вам – за спасение. И тоа е од Бога.
29Оти вам ви се даде дар поради Христа не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него,
30борејќи се со истиот подвиг, каков што видовте во мене и сега слушате за мене.
Селектирано:
Филипјаните 1: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016