Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Филипјаните 2

2
Согласување и понизување како Христос. Потребна е христијанска сериозност. Препорака за Тимотеја и Епафродита.
1И така, ако во Христа има некаква утеха, ако има некоја утеха во љубовта, ако има општење со Духот, ако има некое милосрдие и сострадание,
2исполнете ја радоста моја: бидете со едни мисли, имајќи една и иста љубов, и бидете еднодушни и едномислени;
3не правете ништо од љубов кон препирање или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси!
4Не грижете се секој само за себе, туку и за другите!
5Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос,
6Кој, иако беше во обличје Божјо, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога;
7но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; и по вид се покажа како човек;
8Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст.
9Па затоа и Бог високо Го издигна и Му даде име, што е над секое име,
10та во името на Исуса да ги преклони колената на сѐ што е небесно, земно и подземно,
11и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот.
12Затоа, возљубени мои, како што секогаш ме слушавте, не само во мое присуство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го вашето спасение,
13оти Бог е Оној, Кој во вас прави да сакате и да дејстувате според Неговата добра волја.
14Правете сѐ без ропот и двоумење,
15за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји среде лош и расипан род, во кој светите како светила во светот,
16имајќи го во себе словото на животот, за моја пофалба во денот Христов, дека не залудо трчав и не залудо се трудев.
17Но, ако и се принесувам како жртва за служба на вашата вера, се радувам сам и се радувам со сите вас.
18Така исто радувајте се и вие и зарадувајте ме!
19А се надевам во Господа Исуса дека наскоро при вас ќе го пратам Тимотеја, та и јас, откако разберам како сте, да се утешам со духот.
20Бидејќи немам никого еднаков со моите мисли, кој толку искрено би се грижел за вас,
21оти сите го бараат своето, а не она на Исуса Христа;
22а неговата исправност ви е позната: тој, како син кон татко, слугуваше заедно со мене при благовествувањето.
23Него, пак, се надевам дека ќе го испратам веднаш, штом ќе узнаам, што ќе стане со мене;
24а се надевам во Господа оти и сам скоро ќе дојдам при вас.
25Најдов за потребно при вас да го испратам братот Епафродит, мој сотрудник и другар во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои,
26бидејќи тој копнееше да ве види сите вас и многу жалеше што сте чуле дека бил болен.
27Зашто тој боледуваше дури до умирање; но Бог го помилува, и не само него, туку и мене, за да не ми се натовари жал врз жал.
28Поради тоа го испратив поскоро, та, штом ќе го видите пак, да се израдувате, а јас да бидам помалку нажален.
29Примете го, пак, во Господа со секаква радост, и такви почитувајте,
30бидејќи за Христовото дело тој беше скоро на умирање, откако го презре својот живот, за да го дополни недостигот на вашата служба кон мене.

Селектирано:

Филипјаните 2: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се