Филипјаните 3
3
Потребно е чување од соблазнители. Многу значајно е познавањето на Исуса Христа и оправдувањето преку вера. Треба да се стремиме кон небесниот дар.
1Но, браќа мои, радувајте се во Господа! Оти сѐ едно исто да ви пишувам, мене не ми е здодевно, а за вас тоа е сигурност.
2Пазете се од кучињата, пазете се од лошите работници, пазете се од лажно обрезување,
3зашто вистинското обрезување сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се фалиме со Христа Исуса, и не се надеваме на телото,
4иако јас можам да се надевам и на телото. Ако некој друг мисли да се надева на телото, тогаш уште повеќе јас,
5кој сум обрезан во осмиот ден, од родот Израилев, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по закон фарисеј,
6по ревност – гонител на Божјата црква, според правдата на Законот – непорочен.
7Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христа го сметав за штета.
8Затоа сметам дека и сѐ друго е штета спрема преважното познавање на Христа Исуса, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и се сметам за отпад, само за да Го придобијам Христа
9и да се најдам во Него, не со својата од Законот праведност, туку со придобивката преку верата во Христа, односно со праведноста од Бога преку верата;
10за да Го познавам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата,
11та некако да го достигнам воскресението на мртвите.
12Велам така не затоа што веќе достигнав, или дека веќе постигнав совршенство, туку се стремам не би ли го достигнал она за кое Христос ме достигна мене.
13Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене,
14трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа.
15Ние, кои сме, пак, совршени, мислиме така; ако, пак, нешто инаку мислите, Бог и тоа ќе ви го открие.
16А по она, до кое достигнавме, да бидеме едномислени и по истото правило да следуваме.
17Подражавајте ме, браќа, мене и гледајте ги оние, што постапуваат според образецот, каков имате во нас.
18Оти мнозина, за кои често сум ви зборувал, а сега дури и со солзи говорам, постапуваат како непријатели на крстот Христов;
19нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата – во нивниот срам; тие мислат за земните работи.
20А нашето живеалиште е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос,
21Кој ќе го преобрази нашето понизено тело така, што тоа ќе стане подобно на Неговото славно тело, со силата, преку која што Он може и да потчинува под Себе сѐ.
Селектирано:
Филипјаните 3: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016