Филипјаните 4
4
Ослободување во единството, радување во Господа, молитва и секое добро. Благодарност на апостолот за доброчинствата направени од Филипјаните. Крај и благослов.
1И така, браќа мои возљубени и многу пожелани, радост моја и венец, стојте тврдо во Господа, возљубени!
2Ја молам Еводија, ја молам и Синтихија да бидат едномислени во Господа;
3а те молам и тебе, искрени сотрудниче, помагај им ним, кои што се грижеа во Благовестието заедно со мене и со Климента и со другите мои сотрудници, чии имиња се во книгата на животот.
4Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се!
5Кротоста ваша нека им биде позната на сите луѓе! Господ е близу!
6За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања,
7и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа.
8А понатаму, браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете!
9И она, што го научивте, примивте, чувте и видовте во мене, тоа вршете го – и Бог на мирот ќе биде со вас!
10Јас се зарадував необично многу во Господа, затоа што вие одново почнавте да се грижите за мене; вие и порано се грижевте за мене, но немавте згодно време.
11Ова го велам не поради немање, бидејќи се научив да се задоволувам со она што го имам.
12Знам да живеам и во скудност, знам да живеам и во изобилство; научен сум на сѐ и секако, и сит да бидам, и глад да трпам, и во изобилие да сум, и во немање.
13Се можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи.
14Покрај сето тоа, добро направивте што зедовте учество во мојата скрб.
15А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на Благовестието, кога излегов од Македонија, немаше ниту една црква нешто да ми даде или нешто да примам освен од вас;
16зашто и во Солун, еднаш, и по вторпат, ми пративте нужни работи.
17Ова ви го велам не дека сакам да ми давате, туку го барам плодот, кој се умножува во ваша полза.
18Добив сѐ и имам во изобилие, се пренаполнив со блага, кога го примив од вас испратениот дар преку Епафродит, кој е мирис сладок, жртва пријатна, благоугодна на Бога.
19Мојот Бог, по Своето богатство, нека ја исполни секоја ваша потреба, за слава преку Христа Исуса.
20А на Бога, нашиот Отец, слава во веки веков. Амин!
21Поздравете го секој светија во Христа Исуса! Ве поздравуваат браќата, што се со мене.
22Ве поздравуваат сите светии, а особено оние што се од домот ќесарев.
23Благодатта на нашиот Господ Исуса Христа нека биде со сите вас. Амин!
Селектирано:
Филипјаните 4: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016