Ефесјаните 5
5
Одење по свет пат. Должности на сопружниците.
1И така, угледајте се на Бога, како чеда возљубени,
2и живејте во љубов, како што и Христос нѐ засака и Себеси за нас се предаде како принос и жртва на Бога за пријатен мирис.
3А блудство и секаква нечистота или, пак, користољубивост дури да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светии,
4ниту, пак, срамни и празни зборови или смешки, што се неприлични, туку само благодарности.
5Зашто ова треба да го знаете, дека ниеден блудник, или нечист, или користољубец – кој е идолопоклоник, нема дел во царството на Христа и Бога.
6Никој да не се мами со празни зборови; оти поради овие иде гневот Божји врз синовите на непокорноста;
7и така, не станувајте нивни соучесници.
8Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господа: живеете како деца на светлината!
9Зашто плодот на Духот се состои во секое добро, правда и вистина, –
10и испитувајте сѐ што Му е на Бога угодно!
11Не учествувајте во бесплодните дела на темнината, туку изобличувајте ги!
12Оти за она, што го прават нечестивите скришум, срамно е и да се зборува.
13А сѐ, што е за изобличување, светлината го открива; бидејќи сѐ што е јавно, светлина е.
14Затоа е речено: »Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!«
15Па така, гледајте, колку внимателно треба да постапувате: не како неразумни, туку како мудри;
16ползувајте го времето, зашто дните се лукави.
17Затоа немојте да бидете нерасудливи, туку распознајте што е волјата Божја!
18И не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд, но исполнувајте се со Дух,
19усовршувајќи се со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господа во срцата ваши;
20благодарејќи Му секогаш за сѐ на Бога и Отецот, во името на нашиот Господ Исус Христос;
21покорувајте му се еден на друг во страв Божји.
22Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа,
23зашто мажот е глава на жената, како што е Христос глава на Црквата, и Он е Спасител на телото.
24Но, како што Црквата Му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сѐ.
25Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа,
26за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото;
27та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернение, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна.
28И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси.
29Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата,
30бидејќи ние сме членови на Неговото тело – од Неговата плот и коските Негови.
31Поради тоа човекот ќе го остави татка си и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат една плот.
32Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христа и за Црквата.
33И така, секој од вас да си ја сака жената своја, како што се сака самиот себе, а жената да се бои од мажот свој.
Селектирано:
Ефесјаните 5: MK1990
Нагласи
Сподели
Копирај

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016
© Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016