Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ефесјаните 4

4
Потребно е да се одржува единството на Духот и да се оди по новиот пат.
1Браќа, јас, затвореник во Господа, ве молам да се однесувате достојно според звањето, за кое сте повикани,
2со секаква смиреност и кротост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден друг со љубов,
3трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот.
4Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање.
5Еден е Господ, една е верата, едно е крштавањето,
6еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сѐ, и преку сите, и во сите нас.
7А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов.
8Затоа е и речено: »Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето«.
9А што означува »издигајќи се«, ако не тоа дека Он слезе пред тоа во најдолните места на земјата.
10Слегнатиот е Истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни сѐ.
11И Он постави едни за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, четврти за пастири и учители,
12за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело,
13додека сите не стигнеме до единство во верата и познавање на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство,
14та да не бидеме веќе мали деца, што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, по лукавството на луѓето, по итрото искуство на измамата,
15туку со вистинска љубов во сѐ да растеме во Оној, Кој е глава, Христос,
16од Кого целото тело, составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, поред силите негови, нараснува за да се изградува во љубов.
17Ова, пак, го зборувам и за сведок Го повикувам Господа: да не постапувате веќе, како што постапуваат и другите незнабошци, по суетата на својот ум;
18помрачени во разумот, отстранети се од Божјиот живот поради нивното незнаење и ожесточување на нивното срце;
19дојдени до бесчувство, тие се предадоа на бесрамност и ненаситно вршат секаква нечистота.
20Но вие не Го познавате Христа така,
21кога навистина сте чуле за Него и во Него сте се научиле – дека вистината е во Исуса –
22да го отфрлите од себе стариот човек според вашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби,
23да се обновите со духот на својот ум
24и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината.
25Поради тоа, откако ја отфрливте лагата, кажувајте си ја вистината секој на својот ближен, бидејќи сме членови еден на друг.
26Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде во гневот ваш;
27ниту, пак, да му давате место на ѓаволот.
28Кој крадел, да не краде веќе; а подобро е да се труди, правејќи добро со рацете свои за да има што да му подаде на оној, кој што има потреба.
29Никаков лош збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за издигање каде што треба, за да им принесе благодат на оние што слушаат.
30И не Го оскрбувајте Светиот Дух Божји, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето.
31Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба;
32а еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа.

Селектирано:

Ефесјаните 4: MK1990

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се