Јован 4
4
1Штом Исус дозна дека фарисеите слушнале оти Тој придобива и крштава повеќе ученици од Јован Крстител,
2(иако самиот Исус не крштаваше, туку Неговите ученици),
3Тој ја напушти Јудеја и се врати во Галилеја.
4Мораше да помине низ Самарија.
5Така Тој дојде до самарискиот град Сихар, близу до местото кое Јаков му го беше дал на својот син Јосиф.
6Таму беше бунарот на Јаков. Исус седна крај бунарот, зашто беше уморен од патувањето. Беше околу пладне.
7Една жена од Самарјанците дојде, за да си нацрпи вода. „Дај ми малку вода да се напијам!“ - и рече Исус.
8(Неговите ученици беа отидени во градот за да купат храна.)
9Тогаш Самарјанката Му рече: „Ти си Евреин, а јас сум Самарјанка; како можеш да бараш вода од мене!?“ (Имено, Евреите не сакаа да општат со Самарјанците.)
10Исус и одговори: „Кога би знаела што дава Бог, и Кој е Овој што ти бара вода, ти би побарала од Него и Тој би ти дал животодавна вода!“
11Жената му рече: „Господине, немаш кофа за црпење, а бунарот е длабок. Од каде ќе нацрпиш животодавна вода?
12Овој бунар ни е од нашиот прататко Јаков, кој од него пиеше, а исто така и неговите синови и нивниот добиток; зар си ти поголем од Јаков!?“
13Исус и одговори: „Секој што пие од оваа вода одново ќе ожедни.
14А оној што пие од водата што Јас ќе му ја дадам никогаш нема да ожедни. Водата што Јас ќе му ја дадам ќе стане во него извор на животодавна вода и ќе му донесе вечен живот.“
15„Господине“ - му рече жената - „дај ми ја таа вода за повеќе да не ожеднувам, ниту пак да доаѓам овде да црпам вода!“
16„Оди, викни го мажот ти, па дојдете овде!“ - и рече Тој.
17„Немам маж“ - Му одговори таа. Исус и рече: „Во право си кога велиш ,Немам маж‘,
18зашто пет мажи си имала досега, а и овој што сега го имаш не ти е законски маж! Вистина е тоа што го рече.“
19Жената Му рече: „Господине, гледам дека си пророк!
20Кажи ми, зошто вие Евреите велите дека Ерусалим е единственото место каде што треба да му се поклонуваме на Бог, додека ние Самарјанците сметаме дека тоа е гората Геризим, каде што се поклонуваа и нашите предци?“
21Исус и рече: „Верувај ми, жено, дека доаѓа време кога нема да биде важно дали Му се поклонувате на небесниот Татко во Ерусалим или на оваа гора.
22Вие Самарјанците не Го познавате Оној на Кој Му се поклонувате. А ние Евреите знаеме на Кого Му се поклонуваме, бидејќи спасението доаѓа преку Евреите.
23Но доаѓа време, и веќе е дојдено, кога вистинските поклоници ќе бидат воведени во вистината од Божјиот Дух и ќе Му се поклонуваат на небесниот Татко онака како што тоа го сака небесниот Татко.
24Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат мораат да го прават тоа сходно со вистината која им ја открива Божјиот Дух.“
25Жената му рече: „Знам дека треба да дојде Месијата, Помазаникот. Кога ќе дојде, Тој ќе ни објасни се.“
26„Тоа Сум Јас - Овој што сега разговара со тебе!“ - и рече Исус.
27Во тој момент пристигнаа Неговите ученици и се зачудија што Исус разговара со жена, но никој не и рече: „Што сакаш?“, ниту пак некој Му рече на Исус: „Зошто зборуваш со неа?“
28А жената ја остави својата стомна, отрча во градот и почна да му зборува на народот:
29„Дојдете да видите еден човек кој ми кажа се што сум направила! Да не е Тој Месијата?“
30Луѓето излегоа од градот и тргнаа кон Исус.
31Во меѓувреме, Исусовите ученици Го нудеа: „Раби, земи јади нешто!“
32Но Тој им рече: „Јас имам храна за која вие не знаете.“
33Учениците почнаа да се прашуваат меѓу себе: „Зар некој Му донесол нешто за јадење?“
34Тогаш Исус им објасни: „Храна за Мене е да ја вршам Божјата волја. Тој ме испрати за да го довршам делото што ми го довери.
35Зар вие не велите дека уште четири месеци, па ќе дојде времето за жетва!? А Јас ви велам: подигнете го погледот и видете ги полињата - тие се веќе втасани за жетва!
36Жетварите веќе добиваат плата за својот труд, а плодот што го собираат се луѓето кои преку нив дошле до вечен живот. Така и сејачите и жетварите заедно се радуваат.
37Зашто поговорката: ?Еден сее, а друг жнее‘ е вистинита.
38Јас ве испратив да жнеете таму каде што не сте вложиле труд да сеете. Други вложија голем труд, а вие ќе жнеете врз основа на нивната работа.“
39Многу Самарјанци од тој град поверуваа во Исус врз основа на сведочењето на жената, која им говореше: „Ми кажа се што сум сторила!“
40Затоа, Самарјанците дојдоа кај Исус и Го замолија да остане кај нив, и Тој остана таму два дена.
41И уште многумина поверуваа слушајќи ги Неговите проповеди,
42па и велеа на жената: „Сега не веруваме само поради твоите зборови, туку заради тоа што самите Го слушавме Исуса и се уверивме дека Тој навистина е Спасителот на светот!“
43А по тие два дни Исус си замина оттаму за Галилеја.
44Претходно Исус беше изјавил дека пророците ги почитуваат насекаде, освен во нивниот роден крај.
45Кога дојде во Галилеја, Галилејците Го примија, бидејќи беа виделе се што Тој беше направил за време на празникот Пасха во Ерусалим, зашто и самите беа присутни таму.
46Тогаш Исус повторно отиде во Галилејска Кана, каде што ја беше претворил водата во вино. Таму имаше еден царски службеник, чиј син лежеше болен во градот Кафарнаум.
47Штом слушна дека Исус дошол од Јудеја во Галилеја, службеникот отиде кај Него и Го молеше да дојде и да го исцели неговиот син, кој беше на умирање.
48На тоа, Исус рече: „Никогаш не верувате, доколку не видите натприродни докази и чуда!“
49„Господине!“ - Му рече царскиот службеник - „Дојди додека не ми умрело детето!“
50„Оди си, твојот син ќе живее!“ - му рече Исус. Човекот им поверува на зборовите што му ги кажа Исус и си замина.
51Додека си одеше дома го пречекаа неговите слуги и му кажаа дека детето е живо и дека се чувствува подобро.
52Тогаш тој ги распраша, кога му станало подобро на детето. „Вчера, во еден часот попладне му помина треската“ - му одговорија тие.
53Тогаш таткото сфати дека токму во тоа време Исус му рече: „Твојот син ќе живее.“ Така тој и целото негово семејство поверуваа во Исус.
54Ова беше второто чудо што Исус го направи во Галилеја, по враќањето од Јудеја.
अहिले सेलेक्ट गरिएको:
Јован 4: MNT
हाइलाइट
शेयर गर्नुहोस्
कपी गर्नुहोस्
तपाईंका हाइलाइटहरू तपाईंका सबै यन्त्रहरूमा सुरक्षित गर्न चाहनुहुन्छ? साइन अप वा साइन इन गर्नुहोस्
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.