Откровение 15:1-4
Откровение 15:1-4 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И видов друг знак на небото, голем и чуден: седум ангели што ги држеа седумте последни казни, зашто со нив ќе се заврши Божјиот гнев. И видов нешто како стаклено море, измешано со оган; и оние што го победија ѕверот и неговата биста, неговиот белег и бројот на неговото име, стоеја на тоа стаклено море и имаа харфи Божји. И ја пееја песната на Мојсеј, Божјиот слуга, и песната на Јагнето, велејќи: „Големи и чудесни се делата Твои, Господи Боже Седржителе! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Царе на народите! Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави името Твое? Зашто само Ти си свет; зашто сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе; бидејќи се појавија Твоите праведни судови!“
Откровение 15:1-4 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потоа на небото видов уште една чудесна и величествена глетка. Седум ангели ги носеа последните седум стравотни неволи, со кои ќе се доврши Божјиот гнев. Потоа видов некои луѓе со харфи во рацете како стојат на нешто што прилегаше на стаклено море измешано со оган. Тоа беа оние што го победија Ѕверот и неговата икона, како и бројот што го претставува неговото име. Тие ја пееја песната што ја пеел Божјиот слуга Мојсеј, и песната на Јагнето, со следниве зборови: „Величествени и прекрасни се Твоите дела, Господе, Семоќен Боже! Праведни и правилни се Твоите постапки, Царе над народите! Како да не Те почитуваме, Господе, како да не Го славиме Твоето име!? Само Ти Си свет, сите народи ќе дојдат Тебе да ти се поклонат, зашто се покажа дека Твоите постапки се праведни!“
Откровение 15:1-4 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И видов друг - голем и чудесен знак, на небото: седум ангели, кои ги држеа седумте последни зла, зашто со нив завршува Божјиот гнев. И видов нешто како стаклено море, измешано со оган, и оние кои го победија Ѕверот и неговиот лик и бројот на неговото име, - стоеја на стакленото море и имаа Божји китари, и ја пееја песната на Мојсеја, Божјиот слуга, и песната на Јагнето, велејќи: „Големи се и прекрасни Твоите дела Господи Боже, Сѐдржителу! Праведни и вистински се Твоите патишта - Цару на народите. Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави Твоето име? Зашто само Ти си свет; сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе, зашто се покажаа Твоите праведни судови!“