Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 19:1-14

Псалми 19:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Небесата ја објавуваат Божјата сла­ва, а за делата на рацете Негови известува сводот небесен. Ден на денот објавува, и ноќ на ноќта знаење открива. Нема јазик, ниту, пак говор, во кој не се слуша нивниот глас. Сепак, нивниот звук се разнесува по целата земја, а нивните зборови до краиштата на светот. На небото му постави шатор на сонцето, кое излегува како младоженец од брач­ното легло, се радува како силен јунак што ја прелетува патеката. Од крајот на небесата е излезот негов, и патувањето негово до другиот крај; ништо не е сокриено од топлината негова. Непорочен е законот Божји – души­те ги укрепува; верно е откровението на Господ – ги учи неуките, и Господовите повелби се праведни – го веселат срцето; Господовата заповед зрачи светлина; ги просветлува очите. Страхопочитта кон Господ е чиста – пребива довека; судовите Господови се вистина – сите се праведни; поскапи се од злато и од скапоцени камења – послатки се од восочен мед. Слугата Твој ги пази; а кој ги пази, голема награда добива. Кој може да ги согледа своите грешки? И од оние тајни гревови очис­ти ме, и од горделивост запази го слугата Твој, за да не овладее со мене. Тогаш јас ќе бидам непорочен и ќе бидам очистен од големите престапи. Зборовите на устата моја и помислите на срцето мое нека бидат благо­угодни пред Тебе, Господи, Карпо моја и избавителе мој!

Псалми 19:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Небесата ја раскажуваат Божјата слава, небесниот свод го навестува делото на Неговите раце. Денот на ден му го објавува тоа, а ноќта на ноќ ѝ соопштува. Нема говор ни јазик, каде не ќе се чуе нивниот глас. Нивната вест се рашири по целата земја, а нивните зборови до крајот на вселената. Таму, за сонцето Тој оптегнува шатор, кое излегува како младоженец од својата ложница, се радува како јунак кога ја претрчува патеката. Излегува од небесниот крај и обиколува до крајот; и ништо не се крие од неговата топлина. Господовиот Закон е совршен - ја крепи душата; Господовото сведоштво е верно - му дава мудрост на неукиот; Господовите повелби се праведни - го веселат срцето; Господовата заповед е светла - ги просветлува очите; Стравот од Господа е чист - останува довека; Господовите судови се вистински - сите се еднакво праведни; Поскапоцени се од златото, од чистото злато; Послатки се од медот, послатки од капките на медовата пита. Твојот слуга е предупреден од нив, кој ги чува има голема награда. Но, кој ги сознава своите погрешки? Очисти ме од тајните прегрешувања! Запази го Својот слуга од гордоста, да не завладее со мене. Тогаш ќе бидам непорочен, чист од голем грев. Зборовите на мојата уста и размислувањата на моето срце, нека бидат угодни пред Тебе, Господи, Тврдино моја и Избавителу мој.