Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 19

19
Божји творештва и Божјо слово
1. Божјо откровение во творбите
За пејачкиот началник. Давидов псалм.
1Небесата ја раскажуваат Божјата слава, небесниот свод го навестува делото на Неговите раце. 2Денот на ден му го објавува тоа, а ноќта на ноќ ѝ соопштува. 3Нема говор ни јазик, каде не ќе се чуе нивниот глас. 4Нивната вест се рашири по целата земја, а нивните зборови до крајот на вселената. Таму, за сонцето Тој оптегнува шатор, 5кое излегува како младоженец од својата ложница, се радува како јунак кога ја претрчува патеката. 6Излегува од небесниот крај и обиколува до крајот; и ништо не се крие од неговата топлина.
2. Божјо откровение во Божјо слово
7Господовиот Закон е совршен - ја крепи душата; Господовото сведоштво е верно - му дава мудрост на неукиот;
8Господовите повелби се праведни - го веселат срцето; Господовата заповед е светла - ги просветлува очите; 9Стравот од Господа е чист - останува довека; Господовите судови се вистински - сите се еднакво праведни; 10Поскапоцени се од златото, од чистото злато; Послатки се од медот, послатки од капките на медовата пита. 11Твојот слуга е предупреден од нив, кој ги чува има голема награда.
12Но, кој ги сознава своите погрешки? Очисти ме од тајните прегрешувања! 13Запази го Својот слуга од гордоста, да не завладее со мене. Тогаш ќе бидам непорочен, чист од голем грев. 14Зборовите на мојата уста и размислувањата на моето срце, нека бидат угодни пред Тебе, Господи, Тврдино моја и Избавителу мој.

Селектирано:

ПСАЛМИ 19: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се