Псалми 17:1-15
Псалми 17:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Слушни ја, Господи, правдата моја, чуј го мојот повик, прими ја молитвата моја што не излегува од лажлива уста. Од Твоето присуство нека излезе пресудата за мене; очите Твои нека ја гледаат правдината. Ако го искушаш срцето мое, ако ме посетиш ноќе; ако ме провериш: нема да најдеш злонамерност во мене. Не згреши устата моја, како што прават другите; поради зборовите на устата Твоја, јас го одбегнував патот на насилниците. Стапките мои беа непоколебливи на патиштата Твои, нозете мои не застранија. Кон Тебе викам, зашто Ти ќе ме чуеш, Боже; приклони го увото Свое кон мене, и чуј ги зборовите мои. Покажи ја чудесната милост Твоја, Ти, кој ги избавуваш оние што се засолнуваат од непријателите – покрај Твојата десница. Пази ме како зеница на окото; засолни ме под сенката на Твоите крилја, од лицето на нечестивите, кои ме напаѓаат, од непријателите на душата моја, што ме опкружуваат; тие срцето свое го затворија за милост, а со устата своја – горделиво зборуваат. Гонејќи ме, сега ме опколуваат; тие ги управија очите свои за да ме соборат на земја; тие се како лав, подготвен за лов и како лавче, кое стои во заседа. Стани, Господи, пресретни ги и собори ги; со Својот меч спаси ја душата моја од нечестивиот, а со раката Своја од луѓето, Господи, од луѓето чиј дел е само овој живот. Нека им се наполнат стомаците со твоите добра, нека се наситат нивните синови и нека им остават од вишокот на децата свои. А јас ќе го гледам лицето Твое во правда, ќе се наситам од ликот Твој, кога еднаш ќе се разбудам.
Псалми 17:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Послушај ја, Господи, правдата, чуј го мојот глас, услиши ја мојата молитва од искрени усни! Од Тебе нека ми дојде пресудата, Твоите очи гледаат што е справедливо. Испитај го моето срце, посети ме ноќе, искушај ме, но нема да најдеш ништо; мојата уста не згреши. Како што грешат луѓето: според зборовите на Твојата уста, се сочував од патиштата на насилниците. Моите стапки ги држаа Твоите патишта, не се лизнаа моите нозе. Кон Тебе викам, Боже, зашто Ти ќе ме послушаш! Наведни го Твоето уво кон мене и чуј ги моите зборови. Прослави ја врз мене Твојата милост, о Спасителу, Ти Кој ги спасуваш, оние што се надеваат на Твојата десница, од оние што се креваат против нив. Пази ме како зеница на окото, засолни ме во сенката на Своите крила, од злотворите што се нафрлаат врз мене. Од непријателите на мојата душа, што ме опкружуваат. Го затворија своето срце и со устата зборуваат гордо. Нивните чекори сега ме опкружуваат; сакаат да ме кутнат на земја. Тие се како лав што сака да раскине и како лавче што дебне потајно. Стани, Господи, пресретни го и кутни го, со Својот меч спаси го мојот живот од нечесниот, а со Својата рака, Господи, од луѓето, од луѓето на овој свет, чиј дел е овој живот; чиј желудник го полниш со Своите богатства, така што и нивните синови ќе бидат сити, а остатокот ќе им остане на нивните внуци. А јас ќе го гледам Твоето лице во правда, и еднаш кога ќе се разбудам, ќе се наситам од Твојот изглед.