Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 17:1-15

Псалми 17:1-15 MK2006

Слушни ја, Господи, правдата моја, чуј го мојот повик, прими ја молитвата моја што не излегува од лажлива уста. Од Твоето присуство нека излезе пресудата за мене; очите Твои нека ја гледаат правдината. Ако го искушаш срцето мое, ако ме посетиш ноќе; ако ме провериш: нема да најдеш злонамерност во мене. Не згреши устата моја, како што прават другите; поради зборовите на устата Твоја, јас го од­бегнував патот на насилниците. Стапките мои беа непоколебливи на патиштата Твои, нозете мои не за­странија. Кон Тебе викам, зашто Ти ќе ме чуеш, Боже; приклони го увото Свое кон мене, и чуј ги зборовите мои. Покажи ја чудесната милост Твоја, Ти, кој ги избавуваш оние што се засолнуваат од непријателите – покрај Тво­јата десница. Пази ме како зеница на окото; засолни ме под сенката на Твоите крилја, од лицето на нечестивите, кои ме напаѓаат, од непријателите на душата моја, што ме опкружуваат; тие срцето свое го затворија за милост, а со устата своја – горделиво зборуваат. Гонејќи ме, сега ме опколуваат; тие ги управија очите свои за да ме соборат на земја; тие се како лав, подготвен за лов и како лавче, кое стои во заседа. Стани, Господи, пресретни ги и собори ги; со Својот меч спаси ја ду­шата моја од нечестивиот, а со раката Своја од луѓето, Гос­поди, од луѓето чиј дел е само овој жи­вот. Нека им се наполнат стома­ците со твоите добра, нека се наситат нивните синови и нека им остават од вишокот на децата свои. А јас ќе го гледам лицето Твое во правда, ќе се наситам од ликот Твој, кога еднаш ќе се разбудам.