Изреки 8:1-36
Изреки 8:1-36 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Нели мудроста вика? И нели разумот го издига гласот свој? Мудроста застанува на високи места, крај патот, на раскрсници; таа вика пред портите при влезот во градот, кај влезот од вратата силно извикува: „Кон вас, луѓе, викам, и кон синовите човечки е мојот глас! Научете се, неразумни, на благоразумие, и безумни, – на разум. Слушајте, бидејќи ќе говорам важни работи, и устата моја ќе изрече правда; зашто јазикот мој ќе ја изговори вистината; лажливата уста одвратна е за мене. Сите зборови на устата моја се справедливи; во нив нема ни подмолност, ни лукавство; сите тие се јасни за разумниот и справедливи за оние, што се здобиле со знаење. Примете го учењето мое, а не сребро; подобро знаење, отколку најдобро злато; зашто мудроста е подобра од бисер, и ништо, од она што е скапоцено, не може да се спореди со неа. Јас, мудроста, живеам со разумот и барам расудувачко знаење. Стравот Господов го мрази злото; ја мрази гордоста и високомерноста, лошиот пат и подмолната уста. Мои се советот и правдата; јас сум разум, во мене е силата. Преку мене цареви царуваат, и заповедници правда озаконуваат; преку мене началници управуваат и големци и сите судии земни. Ги сакам оние што мене ме сакаат, и кои ме бараат, ќе ме најдат; во мене се богатството и славата, богатата ризница и правдата; плодовите мои се подобри од злато, и од најчисто злато, и користа од мене е повеќе отколку од најчисто сребро. Јас одам по патот на правдата, по патеките на правосудството, за да им доставувам вистинско добро на оние, што ме сакаат, нивните ризници ги полнам. Господ ме создаде за почеток на Својот пат, пред сите Свои творби, ме создаде уште од вечноста, во почетокот, пред да ја создаде Земјата. Јас сум се родила, кога уште немало бездни, кога уште не постоеле извори, изобилни со вода. Јас сум се родила пред да бидат втемелени горите, пред ридовите, кога Господ уште не беше ја создал Земјата, ни полињата, ниту првите прашинки на вселената. Кога Тој го оформуваше небото, јас бев со Него, кога го поставуваше хоризонтот над бездната, кога ги утврдуваше облаците во висините, кога ги зацврстуваше изворите на бездната, кога ги поставуваше границите на морето, за да не ги преминуваат водите неговите брегови, кога ги полнеше основите на Земјата, – јас бев кај Него кога создаваше, и се радував секој ден, веселејќи се пред лицето Негово за сето време, веселејќи се на Неговиот земен круг. А потоа радоста моја беше со синовите човечки. И така, синко, сега послушај ме: блажени се, оние што ги пазат моите патишта! Послушај ја поуката, бидете мудри и не отстапувајте од неа. Блажен е оној човек, кој ме слуша, станувајќи бодар секој ден кај портите мои и стоејќи на стража при вратата моја! Зашто, кој ме нашол мене, нашол живот; и ќе добие благодат од Господ; а кој греши против мене, нанесува штета на душата своја: сите што ме мразат мене, ја сакаат смртта.“
Изреки 8:1-36 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Не проповеда ли мудроста, и не подига ли го својот глас разумот? На врвот на ридот, покрај патот, на раскрниците стои; при излезот од градот крај влезните врати, таа вика гласно: „Вам ви проповедам, о луѓе, и го насочувам својот глас кон човечките синови! Сфатете ја мудроста, вие неискусни, а вие неразумни, вразумете го срцето. Слушајте, зашто ќе зборувам за важни нешта, и моите усни ќе откријат што е право, зашто мојот јазик ја зборува вистината, а нечесноста е гнасна за моите усни. Сите зборови на мојата уста се праведни, во нив нема ништо ни криво ни лукаво. Сите тие се јасни за разумниот и праведни се за оној, кој придобил знаење. Примајте ја мојата поука а не сребро, и знаењето е подобро од златото. Зашто мудроста е поскапоцена од бисери, и никакви скапоцености не можат да се споредат со неа. Јас, мудроста живеам со разумот и имам расудувачко знаење. Стравот од Господа е омраза кон злото. Јас ги мразам: гордоста, самодостатноста, патот на лошото и уста полна со лаги. Мои се советот и здравото мислење, јас сум разум, и моја е силата. Преку мене царевите царуваат и началниците делат правда. Преку мене кнезовите кнезуваат и големците и сите земни судии. Јас ги љубам оние кои ме љубат мене, и ме наоѓаат кои ме барат. Богатството и славата се во мене, постојаното добро и справедливоста. Мојот плод е подобар од чистото и најчистото злато, и мојот приход е подобар од чистото сребро. Јас чекорам по патот на правдата, среде справедливите патеки, да им дадам имот на оние кои ме љубат и да ги наполнам нивните сокровишта. Господ ме имаше во почетокот на Својот пат, пред Своите созданија, многу одамна. Вообличена сум уште од вечноста, од почеток, пред создавањето на земјата. Се родив кога уште немаше бездни, додека немаше извори на изобилни води. Се родив пред да бидат основани горите, пред бреговите; кога уште не ги имаше создадено земјата ни полињата, ни почетокот на земниот прав. Кога ги создаваше небесата, бев присутна, кога распростираше свод над лицето на бездната; кога ги зацврстуваше облаците во височината и кога ја одреди силата на изворот на прадлабочината. Кога му ги поставуваше на морето неговите граници, за да не му се прелеат водите преку бреговите, кога ги поставуваше основите на земјата, бев покрај Него, како градежничка, бев радосна, од ден на ден, радувајќи се пред Него сето време: Се радував по почвата на Неговата земја, и мојата радост се човечките синови. Така, деца, послушајте ме, блазе им на оние кои ги чуваат моите патишта. Послушајте ја поуката, за да добиете мудрост и не ја отфрлајте. Блазе му на човекот што ме слуша, и бдее пред моите врати секој ден, и кој ги чува моите довратници. Зашто кој ме наоѓа мене, го наоѓа животот и добива милост од Господа. А ако згреши кон мене, ѝ пакости на својата душа: Сите што ме мразат мене, ја љубат смртта.“