Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПОСЛОВИЦИ 8

8
О. Олицетворение на премудрост
1. Повик на премудрост
1Не проповеда ли мудроста, и не подига ли го својот глас разумот? 2На врвот на ридот, покрај патот, на раскрниците стои; 3при излезот од градот крај влезните врати, таа вика гласно: 4„Вам ви проповедам, о луѓе, и го насочувам својот глас кон човечките синови! 5Сфатете ја мудроста, вие неискусни, а вие неразумни, вразумете го срцето. 6Слушајте, зашто ќе зборувам за важни нешта, и моите усни ќе откријат што е право, 7зашто мојот јазик ја зборува вистината, а нечесноста е гнасна за моите усни. 8Сите зборови на мојата уста се праведни, во нив нема ништо ни криво ни лукаво. 9Сите тие се јасни за разумниот и праведни се за оној, кој придобил знаење. 10Примајте ја мојата поука а не сребро, и знаењето е подобро од златото. 11Зашто мудроста е поскапоцена од бисери, и никакви скапоцености не можат да се споредат со неа.
12Јас, мудроста живеам со разумот и имам расудувачко знаење. 13Стравот од Господа е омраза кон злото. Јас ги мразам: гордоста, самодостатноста, патот на лошото и уста полна со лаги. 14Мои се советот и здравото мислење, јас сум разум, и моја е силата. 15Преку мене царевите царуваат и началниците делат правда. 16Преку мене кнезовите кнезуваат и големците и сите земни судии. 17Јас ги љубам оние кои ме љубат мене, и ме наоѓаат кои ме барат. 18Богатството и славата се во мене, постојаното добро и справедливоста. 19Мојот плод е подобар од чистото и најчистото злато, и мојот приход е подобар од чистото сребро. 20Јас чекорам по патот на правдата, среде справедливите патеки, 21да им дадам имот на оние кои ме љубат и да ги наполнам нивните сокровишта.
2. Предвечност на Премудрост
22Господ ме имаше во почетокот на Својот пат, пред Своите созданија, многу одамна. 23Вообличена сум уште од вечноста, од почеток, пред создавањето на земјата. 24Се родив кога уште немаше бездни, додека немаше извори на изобилни води. 25Се родив пред да бидат основани горите, пред бреговите; 26кога уште не ги имаше создадено земјата ни полињата, ни почетокот на земниот прав. 27Кога ги создаваше небесата, бев присутна, кога распростираше свод над лицето на бездната; 28кога ги зацврстуваше облаците во височината и кога ја одреди силата на изворот на прадлабочината. 29Кога му ги поставуваше на морето неговите граници, за да не му се прелеат водите преку бреговите, кога ги поставуваше основите на земјата, 30бев покрај Него, како градежничка, бев радосна, од ден на ден, радувајќи се пред Него сето време: 31Се радував по почвата на Неговата земја, и мојата радост се човечките синови.
3. Повик кон Премудрост
32Така, деца, послушајте ме, блазе им на оние кои ги чуваат моите патишта. 33Послушајте ја поуката, за да добиете мудрост и не ја отфрлајте. 34Блазе му на човекот што ме слуша, и бдее пред моите врати секој ден, и кој ги чува моите довратници. 35Зашто кој ме наоѓа мене, го наоѓа животот и добива милост од Господа. 36А ако згреши кон мене, ѝ пакости на својата душа: Сите што ме мразат мене, ја љубат смртта.“

Селектирано:

ПОСЛОВИЦИ 8: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се