Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПОСЛОВИЦИ 7

7
Њ. Предупредување против блудница
1Сине мој, чувај ги моите зборови и запази ги моите заповеди при себеси. 2Пази ги моите заповеди, и ќе бидеш жив, и мојата поука како зеницата на своето око. 3Заврзи ги на своите прсти, запиши ги врз плочата на своето срце; 4речи ѝ на мудроста: „Моја сестра си“, и разумот наречи го роднина, 5за да те чуваат од жена прељубница, од туѓинка која зборува ласкаво. 6Кога бев еднаш при прозорецот на својата куќа и гледав надвор, низ решетката, 7видов меѓу лесноумните, забележав меѓу момчињата неразумен младец: 8Поминуваше по улицата покрај нејзиниот агол, и чекореше по патот кон нејзината куќа, 9во примрак, меѓу денот и вечерта, кога се спушта ноќната темнина. 10И ете, го сретна жена, облечена како блудница и со измама во срцето. 11Беше тврдоглава и разуздана, нејзините нозе не застануваа дома; 12беше час на улиците, час на раскрсниците, и дебнеше при секој агол. 13И го фати и го пољуби, и му рече, со безобразно лице: 14„Бев должна да принесам помирителна жртва и денес го исполнив својот завет; 15затоа ти излегов во пресрет, да те барам, и те најдов. 16Своето легло го послав со килими, со везени египетски покривачи; 17својата постела ја намирисав со смирна, алој и канела. 18Ајде да се ситиме со нежности до утрото и да се насладуваме во љубовта. 19Зашто мојот маж не е дома, отиде на далечен пат; 20зеде со себе ќесе со сребро, а ќе се врати дома одвај при полната месечина.“ 21Така го заведе со своето наговарање, го одвлече со своите мазни усни. 22И тој тргна лудо по неа, како што волот оди на кланица и како што еленот, заплеткан во мрежата, чека 23додека стрелата не му го прониже црниот дроб, и како птицата што влетува во клопката, и не знаејќи дека тоа ќе ја чини животот.
24Затоа, сине мој, послушај ме, и чуј ги зборовите на мојата уста: 25Нека твоето срце не застранува по нејзините патишта, и нека не скита по нејзините патеки, 26зашто мнозина ги рани смртно и ги падна, и мнозина се оние што ги уби. 27Патиштата низ нејзината куќа водат во пеколот, долу во собите на смртта.

Селектирано:

ПОСЛОВИЦИ 7: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се