Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 8:1-36

Изреки 8:1-36 MK2006

Нели мудроста вика? И нели разумот го издига гласот свој? Мудроста застанува на високи мес­та, крај патот, на раскрсници; таа вика пред портите при влезот во градот, кај влезот од вратата силно извикува: „Кон вас, луѓе, викам, и кон сино­вите човечки е мојот глас! Научете се, неразумни, на благоразумие, и безумни, – на разум. Слушајте, бидејќи ќе говорам важни работи, и устата моја ќе изрече правда; зашто јазикот мој ќе ја изговори вистината; лажливата уста одвратна е за мене. Сите зборови на устата моја се справедливи; во нив нема ни подмолност, ни лукавство; сите тие се јасни за разумниот и справедливи за оние, што се здобиле со знаење. Примете го учењето мое, а не среб­ро; подобро знаење, отколку најдобро злато; зашто мудроста е подобра од бисер, и ништо, од она што е скапоцено, не може да се спореди со неа. Јас, мудроста, живеам со разумот и барам расудувачко знаење. Стравот Господов го мрази злото; ја мрази гордоста и високомерноста, лошиот пат и подмолната уста. Мои се советот и правдата; јас сум разум, во мене е силата. Преку мене цареви царуваат, и за­поведници правда озаконуваат; преку мене началници управуваат и големци и сите судии земни. Ги сакам оние што мене ме са­каат, и кои ме бараат, ќе ме најдат; во мене се богатството и славата, богатата ризница и правдата; плодовите мои се подобри од злато, и од најчисто злато, и користа од мене е повеќе отколку од најчисто сребро. Јас одам по патот на правдата, по патеките на правосудството, за да им доставувам вистинско доб­ро на оние, што ме сакаат, нивни­те риз­ници ги полнам. Господ ме создаде за почеток на Својот пат, пред сите Свои творби, ме создаде уште од вечноста, во по­четокот, пред да ја создаде Земјата. Јас сум се родила, кога уште немало бездни, кога уште не постоеле из­вори, изобилни со вода. Јас сум се родила пред да бидат вте­мелени горите, пред ридовите, кога Господ уште не беше ја создал Земјата, ни полињата, ниту првите прашинки на вселената. Кога Тој го оформуваше небото, јас бев со Него, кога го поставуваше хоризонтот над бездната, кога ги утврдуваше облаците во ви­сините, кога ги зацврстуваше изво­рите на бездната, кога ги поставуваше границите на морето, за да не ги преминуваат во­дите неговите брегови, кога ги полне­ше ос­новите на Земјата, – јас бев кај Него кога создаваше, и се радував секој ден, веселејќи се пред лицето Негово за сето време, веселејќи се на Неговиот земен круг. А потоа радоста моја беше со си­новите човечки. И така, синко, сега послушај ме: блажени се, оние што ги пазат моите патишта! Послушај ја поуката, бидете мудри и не отстапувајте од неа. Блажен е оној човек, кој ме слу­ша, станувајќи бодар секој ден кај портите мои и стоејќи на стража при вратата моја! Зашто, кој ме нашол мене, нашол живот; и ќе добие благодат од Господ; а кој греши против мене, нанесува штета на душата своја: сите што ме мразат мене, ја сакаат смртта.“