Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Броеви 12:1-16

Броеви 12:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Мирјам и Арон го прекоруваа Мојсеј поради жената Етиопјанка што ја беше зел, зашто тој се беше оженил со Етиопјанка; и рекоа: „Само на Мојсеј ли му збо­рува Господ? Не ни говореше ли Тој и нам?“ И Господ го чу тоа. А Мојсеј беше најкроткиот човек меѓу сите луѓе на земјата. И им рече Господ ненадејно на Мојсеј, на Арон и на Мирјам: „Излезете вие тројца пред скинијата на собранието!“ Тие излегоа и тројцата. И слезе Господ во облаков столб, застана при влезот од скинијата на со­б­ра­нието, па ги повика Арон и Мирјам, и тие излегоа и двајцата. И рече: „Чујте ги Моиве зборови: ако меѓу вас има пророк Господов, Јас му се откривам во видение, на сон говорам со него; не е така, меѓутоа, со Мојот слуга Мојсеј, – тој е најверниот во целиот Мој дом: Јас му говорам нему директно, и јавно, а не преку скриени зборови, и тој ја гледа славата Господова; а вие како не се исплашивте да го прекорувате Мојот слуга Мојсеј?“ И се разгоре гневот Господов против нив, и Тој си отиде. Се повлече и облакот од скинијата, и ете, Мирјам беше прокажена со лепра, бела како снег. Арон ја погледна Мирјам, и, ете, таа беше лепрозна. И му рече Арон на Мојсеј: „Господаре мој, не ни го сметај за грев, тоа што постапивме неразумно и згрешивме, не оставај таа да остане како мртвородено младенче, чие тело, кога излегува од мајкината утроба, до поло­вина веќе е гнило.“ И се обрати Мојсеј кон Господ, велејќи: „Боже, Ти се молам, исцели ја.“ И Му рече Господ на Мојсеј: „Ако татко ѝ ја беше плукал во лице, не ќе требаше ли таа да се срамува седум дена?! И така, нека биде прогонета седум дена надвор од населбата, а потоа пак да се врати.“ И престојуваше Мирјам надвор од логорот седум дена, и народот не тргна на пат, додека таа не се врати. Потоа народот тргна од Хацерот и се улогори во пустината Фаран.

Броеви 12:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А Маријам и Арон почнаа да зборуваат против Мојсеја заради неговата жена Етиопка, за која се ожени, зашто беше зел за жена една Етиопка. „Зар Господ му зборува само на Мојсеја? - рекоа. - Зар не ни зборуваше и нам?“ Господ го чу тоа. Мојсеј беше мошне скромен човек, најскромен човек на земјата. И Господ им рече веднаш на Мојсеја, на Арона и на Маријам: „Вие тројцата јавете се во Шаторот на средбата.“ Тие тројца се јавија. Господ слезе во облачен столб и застана при влезот на Шаторот. Ги повика Арона и Маријам. Кога тие истапија напред, Господ рече: „Чујте ги Моите зборови: Ако се најде пророк среде вас, Јас му се јавувам нему во видение, му говорам на сон. Но не е така со Мојот слуга Мојсеј. Од сите во Мојата куќа тој е најверен. Јас му зборувам нему уста во уста, јавно, а не со гатанки, и тој смее да го гледа Господовиот лик. Како тогаш не се плашевте да зборувате против Мојот слуга Мојсеја?“ Откако пламна со гнев против нив, Господ си отиде. Штом облакот се оддалечи од Шаторот, ете, Маријам стана лепрозна, како потурена со снег. Арон се сврте кон Маријам, а лепрата беше на неа. Тогаш Арон му рече на Мојсеја: „Господару мој, не сметај ни за грев, зашто постапивме глупо и согрешивме. Не оставај таа да остане како мртво дете на кое, веќе при излегувањето од мајчината утроба, снагата му е напола уништена!“ Тогаш Мојсеј извика кон Господа: „Боже, Те молам, оздрави ја!“ „Ако нејзиниот татко ѝ плукнал во лицето - Господ му рече на Мојсеја - зар не ќе требаше да се срами седум денови? И таа нека биде одвоена надвор од логорот седум денови, па потоа нека биде прибрана пак.“ Така Маријам беше одвоена надвор од логорот седум денови. Народот не тргна на пат додека Маријам не се прибра пак. Потоа народот тргна од Асирот и се настани во Фаранската Пустина.