Лука 14:1-24
Лука 14:1-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Една сабота, Исус дојде на ручек во куќата на еден фарисеј, член на Големото собрание. Сите присутни Го држеа Исуса на око. Тогаш на Исус Му пристапи еден човек со отоци на рацете и нозете, а Исус им се обрати на учителите на верскиот Закон и на фарисеите, па ги праша: „Дали е во согласност со Законот да се врши исцелување и во сабота, или не?“ Тие молчеа. Тогаш Исус го допре болниот и го исцели, испраќајќи го здрав. Потоа им се обрати ним: „Ако ви се случи синот или некое ваше добиче да падне в бунар во сабота, нема ли веднаш да го извадите, иако е сабота?“ Но тие и на ова не можеа ништо да Му одговорат. Исус забележа дека некои од гостите ги одбираа почесните места за седење, па им го кажа следниов совет: „Кога некој ќе те покани на свадба, не седнувај веднаш на почесното место, за да не дојде некој поважен од тебе, па домаќинот што ве поканил и тебе и него, да дојде и да ти рече: ,Отстапи му го местото на овој гостин‘, а ти посрамотен да мораш да седнеш на последното место. Туку, кога си поканет, оди и седни си на последното место, па кога домаќинот ќе дојде, да ти каже: ,Пријателе, дојди наваму, на подобро место!‘ Така ќе бидеш почестен пред сите присутни. Зашто секој што самиот се возвишува, ќе биде понижен, а кој ќе се однесува понизно, ќе биде возвишен.“ Тогаш Исус му рече на домаќинот: „Кога покануваш луѓе на ручек или на вечера, не поканувај ги пријателите, браќата или роднините, ниту пак богатите соседи, зашто потоа и тие ќе те поканат тебе и со тоа ќе ти возвратат за честа. Туку, на своите гозби поканувај сиромаси, сакати, куци и слепи. Така ќе бидеш благословен, зашто тие не се во состојба да ти возвратат. Но ќе ти биде возвратено на денот кога праведниците ќе воскреснат.“ Кога го чу ова еден од оние што седеа на трпезата, Му рече на Исуса: ,Блазе на оние што ќе седат на трпеза во Божјото царство!‘ А Исус му одговори со следнава споредба: “Си беше еднаш еден човек, кој приготви голема вечера и им упати покани на голем број гости. Кога дојде времето за вечерата, тој го испрати својот слуга да ги повика гостите, велејќи им: ,Дојдете, сe е подготвено!‘ Но сите тие, еден по друг, почнаа да се изговараат. Првиот му рече: ,Купив нива и морам да одам да ја видам; прости, но не можам да дојдам.‘ Вториот му рече: ,Купив пет ѕевгари волови и морам да одам да ги испробам; прости, но не можам да дојдам.‘ Третиот му рече: ,Штотуку се оженив и не ќе можам да дојдам.‘ Слугата се врати дома и му раскажа сe на својот господар. Домаќинот многу се налути и му рече на својот слуга: ,Оди бргу по раскрсниците и по градските улици и доведи ги сиромасите, куците, слепите и сакатите!‘ Набргу, слугата го извести: „Господару, направено е сe како што заповеда, но има уште слободни места!‘ Тогаш господарот му рече на слугата: ,Излези по патиштата и меѓу оградите и поттикни ги луѓето да дојдат, за да ми се наполни куќата! Ве уверувам, дека, ни еден од оние што беа поканети на почетокот, нема да вкуси од мојата вечера!‘“
Лука 14:1-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Еднаш во сабота влезе кај еден од фарисејските старешини и јадеше леб; а тие Го надгледуваа. Одеднаш застана пред Него еден човек болен од водена болест. Исус ги запраша закониците и фарисеите, велејќи: „Дозволено ли е да се лекува во сабота?“ А тие молчеа. Тогаш Исус го допре, го излекува и го пушти. Потоа им рече: „Кој од вас ако му падне в бунар вол или син, нема да го извади веднаш, иако е сабота?“ Не можеа ништо да Му одговорат на тоа. А кога забележа како поканетите ги одбираат почесните места, им кажа парабола и рече: „Ако те покани некој на свадба, не седнувај на почесно место, зашто, ако случајно е поканет некој со поголема чест од тебе, тогаш би можел да дојде оној што ве поканил и тебе и него, па да рече: ‚Отстапи го местото на овој!‘ и тогаш, засрамен ќе седнеш на последното место. Но, кога ќе бидеш поканет, оди и седни на последното место, та оној што те поканил, штом дојде, да ти каже: ‚Пријателе, премести се погоре!‘ Тогаш ќе имаш чест пред сите оние што седат заедно со тебе на трпезата. Зашто, секој што се возвишува, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде возвишен.“ А и на оној што го беше поканил, му рече: „Кога даваш ручек или вечера, не кани ги пријателите свои, ниту браќата свои, ни роднините свои, ниту богатите соседи, за да не те поканат и тие некогаш и да ти биде возвратено. Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, куците, слепите. И ќе бидеш блажен, зашто тие немаат со што да ти возвратат, и затоа ќе ти биде возвратено при воскресението на праведните.“ А кога го слушна тоа еден од оние што седеа со Него на трпезата, Му рече: „Блажен е оној кој ќе јаде леб во царството Божјо!“ А Тој му одговори: „Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина; и кога беше време за вечерата, го прати слугата свој да им каже на поканетите: ‚Дојдете, зашто веќе сѐ е подготвено!‘ И почнаа сите, како договорени, да откажуваат; првиот му рече: ‚Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!‘ Вториот рече: ‚Купив пет ѕевгари волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!‘ Третиот рече: ‚Се оженив и затоа не можам да дојдам.‘ Кога се врати слугата, му го кажа тоа на својот господар. Тогаш се расрди домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: ‚Оди бргу по плоштадите и улиците градски и донеси ги тука бедните, слабите, куците и слепите!‘ И рече слугата: ‚Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место.‘ И му рече господарот на слугата: ‚Излези по патиштата и меѓу оградите и убеди ги да дојдат за да ми се наполни куќата!‘ Зашто, ви велам: никој од оние што беа повикани нема да вкуси од вечерата Моја.“
Лука 14:1-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Кога еднаш во саботен ден влезе во куќата на некој фарисејски старешина, за да јаде леб, тие Го набљудуваа Него. И ете, пред Него беше еден човек, кој страдаше од водена болест. И Исус проговори и им рече на закониците и фарисеите: „Дозво-лено ли е да се лекува во сабота или не?“ А тие молчеа. И го допре, го излечи и го отпушти. А ним им рече: „Кој од вас, кога ќе му падне синот или волот во кладенец, не ќе го извади веднаш во сабота?“ И не можеа ништо да Му одговорат на тоа. А на гостите им кажа парабола, кога забележа како ги избраа првите места и им рече: “Кога ќе те повика некој на свадба, не седнувај на прво место, за да не повика случајно некој, кој е поугледен од тебе, и за да не ти рече - кога ќе дојде - оној, кој те повикал тебе, и него: ‘Отстапи му го местото на овој!’ И тогаш ќе треба засрамен да го заземеш последното место. Но, кога ќе те повикаат, оди и седни на последното место, за да ти рече - кога ќе дојде - оној, кој те повикал: ‘Пријателе, премести се погоре!’ Тогаш ќе имаш чест пред сите, кои се со тебе покрај трпезата. Зашто, секој кој се возви-шува, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде возвишен.“ Му рече и на оној, кој Го повика: „Кога даваш ручек или вечера, не повикувај ги своите пријатели, ни твоите браќа, ни своите роднини, ниту богатите соседи, за да не те повикаат и тие и да ти биде вратено. Туку кога даваш гозба, повикај ги бедните, сакатите, хромите и слепите! И ќе бидеш блажен, зашто немаат со што да ти вратат! Ќе ти биде вратено при воскресението на праведниците.“ Кога го чу тоа еден од гостите, Му рече: „Блажен е оној, кој ќе јаде леб во Божјото Царство!“ Тој му рече: „Еден човек при-готви голема вечера и повика мнозина. А кога беше време за вечера, го испрати својот слуга да им рече на повиканите: ‘Дојдете, зашто веќе сѐ е готово!’ И сите, како договорени, почнаа да се извинуваат. Првиот рече: ‘Купив нива и треба да отидам да ја видам. Те молам, извини ме!’ Другиот му рече: ‘Купив пет двојки волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!’ И третиот рече: ‘Се оженив, затоа не можам да дојдам!’ И слугата дојде и му го кажа тоа на својот господар. Тогаш домаќинот се разгневи и му рече на својот слуга: ‘Излези бргу на раскрсниците и градските улици и доведи ги ваму бедните, сака-тите, слепите и хромите!’ И слугата му рече: ‘Господаре, напра-вено е како што заповеда, но уште има место.’ И господарот му рече на слугата: ‘Излези по патиштата и по оградите и натерај ги да дојдат, за да се наполни мојот дом. Зашто ви велам: ниеден од повиканите нема да вкуси од мојата вечера.’“