Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 14

14
1Една сабота, Исус дојде на ручек во куќата на еден фарисеј, член на Големото собрание. Сите присутни Го држеа Исуса на око.
2Тогаш на Исус Му пристапи еден човек со отоци на рацете и нозете,
3а Исус им се обрати на учителите на верскиот Закон и на фарисеите, па ги праша: „Дали е во согласност со Законот да се врши исцелување и во сабота, или не?“
4Тие молчеа. Тогаш Исус го допре болниот и го исцели, испраќајќи го здрав.
5Потоа им се обрати ним: „Ако ви се случи синот или некое ваше добиче да падне в бунар во сабота, нема ли веднаш да го извадите, иако е сабота?“
6Но тие и на ова не можеа ништо да Му одговорат.
7Исус забележа дека некои од гостите ги одбираа почесните места за седење, па им го кажа следниов совет:
8„Кога некој ќе те покани на свадба, не седнувај веднаш на почесното место, за да не дојде некој поважен од тебе,
9па домаќинот што ве поканил и тебе и него, да дојде и да ти рече: ,Отстапи му го местото на овој гостин‘, а ти посрамотен да мораш да седнеш на последното место.
10Туку, кога си поканет, оди и седни си на последното место, па кога домаќинот ќе дојде, да ти каже: ,Пријателе, дојди наваму, на подобро место!‘ Така ќе бидеш почестен пред сите присутни.
11Зашто секој што самиот се возвишува, ќе биде понижен, а кој ќе се однесува понизно, ќе биде возвишен.“
12Тогаш Исус му рече на домаќинот: „Кога покануваш луѓе на ручек или на вечера, не поканувај ги пријателите, браќата или роднините, ниту пак богатите соседи, зашто потоа и тие ќе те поканат тебе и со тоа ќе ти возвратат за честа.
13Туку, на своите гозби поканувај сиромаси, сакати, куци и слепи.
14Така ќе бидеш благословен, зашто тие не се во состојба да ти возвратат. Но ќе ти биде возвратено на денот кога праведниците ќе воскреснат.“
15Кога го чу ова еден од оние што седеа на трпезата, Му рече на Исуса: ,Блазе на оние што ќе седат на трпеза во Божјото царство!‘
16А Исус му одговори со следнава споредба: “Си беше еднаш еден човек, кој приготви голема вечера и им упати покани на голем број гости.
17Кога дојде времето за вечерата, тој го испрати својот слуга да ги повика гостите, велејќи им: ,Дојдете, сe е подготвено!‘
18Но сите тие, еден по друг, почнаа да се изговараат. Првиот му рече: ,Купив нива и морам да одам да ја видам; прости, но не можам да дојдам.‘
19Вториот му рече: ,Купив пет ѕевгари волови и морам да одам да ги испробам; прости, но не можам да дојдам.‘
20Третиот му рече: ,Штотуку се оженив и не ќе можам да дојдам.‘
21Слугата се врати дома и му раскажа сe на својот господар. Домаќинот многу се налути и му рече на својот слуга: ,Оди бргу по раскрсниците и по градските улици и доведи ги сиромасите, куците, слепите и сакатите!‘
22Набргу, слугата го извести: „Господару, направено е сe како што заповеда, но има уште слободни места!‘
23Тогаш господарот му рече на слугата: ,Излези по патиштата и меѓу оградите и поттикни ги луѓето да дојдат, за да ми се наполни куќата!
24Ве уверувам, дека, ни еден од оние што беа поканети на почетокот, нема да вкуси од мојата вечера!‘“
25По Исус врвеше голема толпа луѓе и Тој им се обрати со зборовите:
26„Никој не може да дојде кај Мене и да стане Мој ученик, ако не Ме сака повеќе од татка си, мајка си, жената, децата, браќата и сестрите, па и од својот сопствен живот!
27Кој не го носи својот крст и не оди по Моите стапки - не може да биде Мој ученик.
28Кога некој од вас сака да изгради кула, не седнува ли прво да пресмета дали ќе има доволно пари да ја заврши градбата?
29Во спротивно, може да започне со темелите и да заклучи дека не може да продолжи, па сите што ќе видат ќе му се подбиваат, велејќи:
30,Овој човек почнал да ѕида нешто што не може да го доврши!‘
31Кога некој цар се готви за војна против друг цар, не седнува ли најпрво да се преиспита, дали со своите десет илјади војници ќе може да му се противстави на оној што го напаѓа со дваесет илјади војници?
32Ако заклучи дека не може, тој ќе испрати гласници уште додека другиот цар е далеку, и ќе моли за примирје.
33Значи, никој не може да стане Мој ученик додека не Ме стави Мене пред сe друго што има.“
34„Солта е добра, но ако таа стане блутава, со што ќе се осоли?
35Таква не би била добра ни за почвата, ни за ѓубривата, па се исфрла надвор. Ако имате уши, слушајте внимателно!“

Селектирано:

Лука 14: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност