Кога еднаш во саботен ден влезе во куќата на некој фарисејски старешина, за да јаде леб, тие Го набљудуваа Него. И ете, пред Него беше еден човек, кој страдаше од водена болест. И Исус проговори и им рече на закониците и фарисеите: „Дозво-лено ли е да се лекува во сабота или не?“ А тие молчеа. И го допре, го излечи и го отпушти. А ним им рече: „Кој од вас, кога ќе му падне синот или волот во кладенец, не ќе го извади веднаш во сабота?“ И не можеа ништо да Му одговорат на тоа.
А на гостите им кажа парабола, кога забележа како ги избраа првите места и им рече: “Кога ќе те повика некој на свадба, не седнувај на прво место, за да не повика случајно некој, кој е поугледен од тебе, и за да не ти рече - кога ќе дојде - оној, кој те повикал тебе, и него: ‘Отстапи му го местото на овој!’ И тогаш ќе треба засрамен да го заземеш последното место. Но, кога ќе те повикаат, оди и седни на последното место, за да ти рече - кога ќе дојде - оној, кој те повикал: ‘Пријателе, премести се погоре!’ Тогаш ќе имаш чест пред сите, кои се со тебе покрај трпезата. Зашто, секој кој се возви-шува, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде возвишен.“ Му рече и на оној, кој Го повика: „Кога даваш ручек или вечера, не повикувај ги своите пријатели, ни твоите браќа, ни своите роднини, ниту богатите соседи, за да не те повикаат и тие и да ти биде вратено. Туку кога даваш гозба, повикај ги бедните, сакатите, хромите и слепите! И ќе бидеш блажен, зашто немаат со што да ти вратат! Ќе ти биде вратено при воскресението на праведниците.“
Кога го чу тоа еден од гостите, Му рече: „Блажен е оној, кој ќе јаде леб во Божјото Царство!“ Тој му рече: „Еден човек при-готви голема вечера и повика мнозина. А кога беше време за вечера, го испрати својот слуга да им рече на повиканите: ‘Дојдете, зашто веќе сѐ е готово!’ И сите, како договорени, почнаа да се извинуваат. Првиот рече: ‘Купив нива и треба да отидам да ја видам. Те молам, извини ме!’ Другиот му рече: ‘Купив пет двојки волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!’ И третиот рече: ‘Се оженив, затоа не можам да дојдам!’ И слугата дојде и му го кажа тоа на својот господар. Тогаш домаќинот се разгневи и му рече на својот слуга: ‘Излези бргу на раскрсниците и градските улици и доведи ги ваму бедните, сака-тите, слепите и хромите!’ И слугата му рече: ‘Господаре, напра-вено е како што заповеда, но уште има место.’ И господарот му рече на слугата: ‘Излези по патиштата и по оградите и натерај ги да дојдат, за да се наполни мојот дом. Зашто ви велам: ниеден од повиканите нема да вкуси од мојата вечера.’“