Еднаш во сабота влезе кај еден од фарисејските старешини и јадеше леб; а тие Го надгледуваа. Одеднаш застана пред Него еден човек болен од водена болест. Исус ги запраша закониците и фарисеите, велејќи: „Дозволено ли е да се лекува во сабота?“ А тие молчеа. Тогаш Исус го допре, го излекува и го пушти. Потоа им рече: „Кој од вас ако му падне в бунар вол или син, нема да го извади веднаш, иако е сабота?“ Не можеа ништо да Му одговорат на тоа.
А кога забележа како поканетите ги одбираат почесните места, им кажа парабола и рече: „Ако те покани некој на свадба, не седнувај на почесно место, зашто, ако случајно е поканет некој со поголема чест од тебе, тогаш би можел да дојде оној што ве поканил и тебе и него, па да рече: ‚Отстапи го местото на овој!‘ и тогаш, засрамен ќе седнеш на последното место. Но, кога ќе бидеш поканет, оди и седни на последното место, та оној што те поканил, штом дојде, да ти каже: ‚Пријателе, премести се погоре!‘ Тогаш ќе имаш чест пред сите оние што седат заедно со тебе на трпезата. Зашто, секој што се возвишува, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде возвишен.“
А и на оној што го беше поканил, му рече: „Кога даваш ручек или вечера, не кани ги пријателите свои, ниту браќата свои, ни роднините свои, ниту богатите соседи, за да не те поканат и тие некогаш и да ти биде возвратено. Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, куците, слепите. И ќе бидеш блажен, зашто тие немаат со што да ти возвратат, и затоа ќе ти биде возвратено при воскресението на праведните.“
А кога го слушна тоа еден од оние што седеа со Него на трпезата, Му рече: „Блажен е оној кој ќе јаде леб во царството Божјо!“ А Тој му одговори: „Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина; и кога беше време за вечерата, го прати слугата свој да им каже на поканетите: ‚Дојдете, зашто веќе сѐ е подготвено!‘ И почнаа сите, како договорени, да откажуваат; првиот му рече: ‚Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!‘ Вториот рече: ‚Купив пет ѕевгари волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!‘ Третиот рече: ‚Се оженив и затоа не можам да дојдам.‘ Кога се врати слугата, му го кажа тоа на својот господар. Тогаш се расрди домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: ‚Оди бргу по плоштадите и улиците градски и донеси ги тука бедните, слабите, куците и слепите!‘ И рече слугата: ‚Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место.‘ И му рече господарот на слугата: ‚Излези по патиштата и меѓу оградите и убеди ги да дојдат за да ми се наполни куќата!‘ Зашто, ви велам: никој од оние што беа повикани нема да вкуси од вечерата Моја.“