Евреите 10:5-18
Евреите 10:5-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Затоа, кога Христос дојде на овој свет, Му рече на Бог: „Ти не посака животински жртви ни приноси од жито, туку Ми даде тело, за да ти се покорувам. Не, Ти не се задоволуваш со жртви паленици и со приноси за грев! Тогаш реков: ,Еве Ме Боже, доаѓам да ја извршам Твојата волја, како што е претскажано за Мене во Светото Писмо.‘“ Значи, Христос прво рече: „Ти, Боже, не посака и не ти беа угодни ни животински жртви ни приноси од жито, ни животни спалени на жртвеник, ни жртви за искупување од грев“, иако според Мојсеевиот Закон тие беа неопходни. Потоа додаде: „Еве, доаѓам да ја извршам Твојата волја.“ Со тоа Христос го укинува првиот Завет, за да воспостави нов. Поради таквата цврста решителност од страна на Христос - Тој да се жртвува за нас еднаш засекогаш - ние сега сме исчистени од гревот. Секој друг свештеник секојдневно врши богослужба и одново принесува жртви што никогаш не можат да исчистат од гревови. А Христос принесе само една жртва, која има вечна вредност, и потоа седна на почесно место, од десната страна на Бог. Таму ќе остане се додека Неговите непријатели не бидат покорени под Неговите стапала. Значи, Тој само со една жртва, вечно ги усоврши оние што ги посвети. За ова ни сведочи и Светиот Дух. Прво вели: „Кога ќе дојде време, со Мојот народ ќе воспоставам ваков Завет: Моите закони ќе ги ставам во нивните срца, па ќе ги разберат, и ќе ги впишам во нивните умови, па ќе им се покоруваат, а нивните гревови и беззаконија нема веќе ни да ги спомнам.“ Штом гревовите се простени, веќе нема потреба од принесување жртви. Повик на верност спрема Новиот завет
Евреите 10:5-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Поради тоа, влегувајќи во светот, вели: „Жртви и дарови Ти не посака, а тело Ми приготви. Сепаленици за гревот не Ти се угодни.“ Тогаш реков: „Ете, идам, напишано е за Мене во книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја.“ Кога погоре рече: „Жртви и дарови и сепаленици за гревот – што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни“, а потоа рече: „Ете, идам, Боже, да ја извршам волјата Твоја“, со тоа Тој го укинува првото, за да го воспостави второто. Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш. И секој свештеник стои секој ден, служејќи и принесувајќи многупати едни и исти жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите; а Тој, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога, и оттогаш чека понатаму додека непријателите Негови не бидат положени како подножје за нозете Негови. Зашто преку едно принесување Тој осветените ги направи засекогаш совршени. И Светиот Дух ни посведочи, зашто, откако порано рече: „Ова е заветот што ќе им го дадам по оние дни, вели Господ: ќе ги вградам законите Свои во срцата нивни, и во мислите нивни ќе ги напишам.“ Тој додава: „И за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да си спомнувам.“ А каде што има проштевање за нив, таму веќе нема приноси за грев.
Евреите 10:5-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Затоа, влегувајќи во светот вели: „Жртви и приноси Ти не посака, но ми приготви тело. Сѐпалениците и жртвите за грев не Ти беа угодни.“ Тогаш реков: Еве, доаѓам, во книжен свиток за Мене е напишано, да ја исполнам Твојата волја, О Боже. Додека погоре вели: „Ни жртви, ни приноси, ни паленици, ни жртви за грев не посака; ниту Ти беа угодни“ - тие се принесуваат според Законот, потоа рече: „Еве, доаѓам да ја исполнам Твојата волја.“ Така го отстранува првото, за да го воспостави второто. Според таа волја осветени сме преку приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш. И секој свештеник, навистина, стои секој ден, и служи принесувајќи ги многупати истите жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите. Но Тој принесе само една жртва за гревовите, и засекогаш седна оддесно на Бога, и чека натаму додека Неговите непријатели бидат поставени за подножје на Неговите нозе. Зашто Тој со едно принесување ги направи совршени засекогаш оние, кои се осветуваа. А и Светиот Дух ни сведочи за тоа, откако рече: “Ова е заветот, кој ќе го склучам со нив по оние денови, вели Господ, ќе ги положам Своите закони на нивните срца и ќе ги напишам на нивниот ум, и за нивните гревови и за нивните беззаконија нема веќе да си спомнувам.“ А каде има проштавање за нив, таму нема веќе приноси за грев.