Затоа, влегувајќи во светот вели: „Жртви и приноси Ти не посака, но ми приготви тело. Сѐпалениците и жртвите за грев не Ти беа угодни.“ Тогаш реков: Еве, доаѓам, во книжен свиток за Мене е напишано, да ја исполнам Твојата волја, О Боже. Додека погоре вели: „Ни жртви, ни приноси, ни паленици, ни жртви за грев не посака; ниту Ти беа угодни“ - тие се принесуваат според Законот, потоа рече: „Еве, доаѓам да ја исполнам Твојата волја.“ Така го отстранува првото, за да го воспостави второто. Според таа волја осветени сме преку приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш. И секој свештеник, навистина, стои секој ден, и служи принесувајќи ги многупати истите жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите. Но Тој принесе само една жртва за гревовите, и засекогаш седна оддесно на Бога, и чека натаму додека Неговите непријатели бидат поставени за подножје на Неговите нозе. Зашто Тој со едно принесување ги направи совршени засекогаш оние, кои се осветуваа. А и Светиот Дух ни сведочи за тоа, откако рече: “Ова е заветот, кој ќе го склучам со нив по оние денови, вели Господ, ќе ги положам Своите закони на нивните срца и ќе ги напишам на нивниот ум, и за нивните гревови и за нивните беззаконија нема веќе да си спомнувам.“ А каде има проштавање за нив, таму нема веќе приноси за грев.