Поради тоа, влегувајќи во светот, вели: „Жртви и дарови Ти не посака, а тело Ми приготви. Сепаленици за гревот не Ти се угодни.“ Тогаш реков: „Ете, идам, напишано е за Мене во книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја.“ Кога погоре рече: „Жртви и дарови и сепаленици за гревот – што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни“, а потоа рече: „Ете, идам, Боже, да ја извршам волјата Твоја“, со тоа Тој го укинува првото, за да го воспостави второто. Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш. И секој свештеник стои секој ден, служејќи и принесувајќи многупати едни и исти жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите; а Тој, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога, и оттогаш чека понатаму додека непријателите Негови не бидат положени како подножје за нозете Негови. Зашто преку едно принесување Тој осветените ги направи засекогаш совршени. И Светиот Дух ни посведочи, зашто, откако порано рече: „Ова е заветот што ќе им го дадам по оние дни, вели Господ: ќе ги вградам законите Свои во срцата нивни, и во мислите нивни ќе ги напишам.“ Тој додава: „И за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да си спомнувам.“ А каде што има проштевање за нив, таму веќе нема приноси за грев.