Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 4:1-17

Излез 4:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Мојсеј одговори: „Ама ако не ми поверуваат и не ме послушаат, туку ми речат: ‘Господ не ти се јави?’“ „Што ти е тоа во раката?“ Го праша Господ. „Стап“, одговори. „Фрли го на земја!“ му нареди Господ. Тој го фрли на земја, и стапот се претвори во змија. И Мојсеј избега пред неа. Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Испружи ја раката и фати ја за опашка.“ Тој посегна со раката и ја фати за опашка, а таа пак стана стап во неговата рака. „Така треба да веруваат дека ти се јави Господ, Бог на нивните татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.“ Уште Господ му рече: „Вовлечи ја раката во пазувата.“ Тој ја вовлече раката во пазувата. Кога ја извлече, ете - раката му беше лепрозна, бела како снег. „Стави ја пак раката во пазува!“ му нареди Господ. Тој пак: раката во пазува. Кога ја извлече од пазува, ете - пак беше како и другиот дел на телото. „Ако не ти поверуваат и не ја прифатат пораката на првиот знак, ќе ѝ поверуваат на пораката на вториот знак. А ако овие два знака не ги уверат, па не ти поверуваат, нацрпи вода од Реката и истури ја на суво. Водата што ќе ја земеш од Реката, на суво ќе се претвори во крв.“ „Прости, Господи! - продолжи Мојсеј на Господа. - Јас никогаш не сум бил красноречив човек; ни порано, ниту сега кога му зборуваш на Својот слуга. Јас сум бавен во зборувањето, а на јазикот тежок.“ „Кој му ја даде устата на човекот? - му рече Господ. - Кој го прави нем и глув; кој му го дава видот или го ослепува? Зар тоа не Сум Јас, Господ! И така, оди! Јас ќе бидам со тебе кога ќе зборуваш, и ќе ти кажам што да зборуваш.“ „Прости, Господи - пак рече Мојсеј - не би ли испратил некој друг!“ Се налути Господ на Мојсеја и рече: „Зар Арон, Левиецот, не е твој брат? Знам дека е тој многу красноречив. Еве, токму ти излегува во пресрет. Кога ќе те види, ќе се израдува во срцето. Ти зборувај му нему и ставај ги зборовите во неговата уста. Јас ќе бидам и со тебе и со него додека зборувате; ќе ви кажувам на двајцата што ќе работите. Нека му зборува тој на народот место тебе. Така, тој ќе ти биде место уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога. Земи го стапов во раката. Со него извршувај ги знаците.“

Излез 4:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Мојсеј одговори и рече: „А ако не ми поверуваат и не го послушаат гласот мој, туку ми речат – ‚Не ти се јавил Господ?‘“ А Господ му рече: „Што ти е тоа во раката?“ А тој одговори: „Стап.“ И му рече: „Фрли го на земја!“ И го фрли на земја, а тој стана змија. И Мојсеј избега од неа. А Господ му рече на Мојсеј: „Испружи ја раката своја, па фати ја за опашката.“ И ја испружи раката и ја фати, и пак стана стап во раката негова. „Така ќе поверуваат дека ти се јавил Господ, Бог на татковците нивни, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.“ И пак му рече Господ: „Стави ја сега раката своја во пазувата своја!“ И тој ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади, а тоа раката му побелела од лепра, како снег. И му рече: „Стави ја пак раката сво­ја во пазувата своја!“ И пак ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади од пазувата, таа пак станала, како што му беше целото тело негово. „Па, ако не ти поверуваат и не го послушаат гласот твој при првиот знак, ќе ти поверуваат при вториот знак. А ако не поверуваат ни на двата знака и не го послушаат гласот твој, а ти тогаш земи вода од реката, и истури ја на копното; и водата, земена од реката, ќе се претвори во крв на земјата.“ А Мојсеј Му рече на Господ: „О, Господи, Те молам, не сум доброречив човек; ни порано сум бил, ниту вчера, ни завчера, па ни сега, откако проговори Ти со слугата Твој; јас тешко зборувам и тепкам.“ А Господ рече: „Кој му дал уста на човекот? Кој го прави нем, или глув, да гледа, или да е слеп? Зар не сум тоа Јас, Господ? Па сега, оди, и Јас ќе ти ја отворам устата, и ќе те научам, што да зборуваш.“ Но тој пак рече: „Те молам, Гос­по­ди, избери друг, што ќе го испратиш.“ И се разгневи Господ на Мојсеј, и рече: „Нели ти е брат Арон левитот? Знам дека е способен да зборува; и еве тој ќе те сретне, и, кога ќе те види, ќе се зарадува во срцето свое. Нему ќе му говориш и ќе ги ставаш зборовите во устата негова; а Јас ќе бидам со устата твоја и со устата негова и ќе ви покажам што да правите. И тој место тебе ќе му зборува на народот; и така тој ќе ти биде тебе уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога. А тој стап што беше претворен во змија, земи го во својата рака. Со него ќе правиш чуда.“