Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 4:1-17

ИЗЛЕЗ 4:1-17 MKB

Мојсеј одговори: „Ама ако не ми поверуваат и не ме послушаат, туку ми речат: ‘Господ не ти се јави?’“ „Што ти е тоа во раката?“ Го праша Господ. „Стап“, одговори. „Фрли го на земја!“ му нареди Господ. Тој го фрли на земја, и стапот се претвори во змија. И Мојсеј избега пред неа. Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Испружи ја раката и фати ја за опашка.“ Тој посегна со раката и ја фати за опашка, а таа пак стана стап во неговата рака. „Така треба да веруваат дека ти се јави Господ, Бог на нивните татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.“ Уште Господ му рече: „Вовлечи ја раката во пазувата.“ Тој ја вовлече раката во пазувата. Кога ја извлече, ете - раката му беше лепрозна, бела како снег. „Стави ја пак раката во пазува!“ му нареди Господ. Тој пак: раката во пазува. Кога ја извлече од пазува, ете - пак беше како и другиот дел на телото. „Ако не ти поверуваат и не ја прифатат пораката на првиот знак, ќе ѝ поверуваат на пораката на вториот знак. А ако овие два знака не ги уверат, па не ти поверуваат, нацрпи вода од Реката и истури ја на суво. Водата што ќе ја земеш од Реката, на суво ќе се претвори во крв.“ „Прости, Господи! - продолжи Мојсеј на Господа. - Јас никогаш не сум бил красноречив човек; ни порано, ниту сега кога му зборуваш на Својот слуга. Јас сум бавен во зборувањето, а на јазикот тежок.“ „Кој му ја даде устата на човекот? - му рече Господ. - Кој го прави нем и глув; кој му го дава видот или го ослепува? Зар тоа не Сум Јас, Господ! И така, оди! Јас ќе бидам со тебе кога ќе зборуваш, и ќе ти кажам што да зборуваш.“ „Прости, Господи - пак рече Мојсеј - не би ли испратил некој друг!“ Се налути Господ на Мојсеја и рече: „Зар Арон, Левиецот, не е твој брат? Знам дека е тој многу красноречив. Еве, токму ти излегува во пресрет. Кога ќе те види, ќе се израдува во срцето. Ти зборувај му нему и ставај ги зборовите во неговата уста. Јас ќе бидам и со тебе и со него додека зборувате; ќе ви кажувам на двајцата што ќе работите. Нека му зборува тој на народот место тебе. Така, тој ќе ти биде место уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога. Земи го стапов во раката. Со него извршувај ги знаците.“