Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИЗЛЕЗ 4

4
Мојсеј добива дар за чудотворство
1Мојсеј одговори: „Ама ако не ми поверуваат и не ме послушаат, туку ми речат: ‘Господ не ти се јави?’“ 2„Што ти е тоа во раката?“ Го праша Господ. „Стап“, одговори. 3„Фрли го на земја!“ му нареди Господ. Тој го фрли на земја, и стапот се претвори во змија. И Мојсеј избега пред неа. 4Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Испружи ја раката и фати ја за опашка.“ Тој посегна со раката и ја фати за опашка, а таа пак стана стап во неговата рака. 5„Така треба да веруваат дека ти се јави Господ, Бог на нивните татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.“ 6Уште Господ му рече: „Вовлечи ја раката во пазувата.“ Тој ја вовлече раката во пазувата. Кога ја извлече, ете - раката му беше лепрозна, бела како снег. 7„Стави ја пак раката во пазува!“ му нареди Господ. Тој пак: раката во пазува. Кога ја извлече од пазува, ете - пак беше како и другиот дел на телото. 8„Ако не ти поверуваат и не ја прифатат пораката на првиот знак, ќе ѝ поверуваат на пораката на вториот знак. 9А ако овие два знака не ги уверат, па не ти поверуваат, нацрпи вода од Реката и истури ја на суво. Водата што ќе ја земеш од Реката, на суво ќе се претвори во крв.“
Арон помошник на Мојсеј
10„Прости, Господи! - продолжи Мојсеј на Господа. - Јас никогаш не сум бил красноречив човек; ни порано, ниту сега кога му зборуваш на Својот слуга. Јас сум бавен во зборувањето, а на јазикот тежок.“ 11„Кој му ја даде устата на човекот? - му рече Господ. - Кој го прави нем и глув; кој му го дава видот или го ослепува? Зар тоа не Сум Јас, Господ! 12И така, оди! Јас ќе бидам со тебе кога ќе зборуваш, и ќе ти кажам што да зборуваш.“ 13„Прости, Господи - пак рече Мојсеј - не би ли испратил некој друг!“ 14Се налути Господ на Мојсеја и рече: „Зар Арон, Левиецот, не е твој брат? Знам дека е тој многу красноречив. Еве, токму ти излегува во пресрет. Кога ќе те види, ќе се израдува во срцето. 15Ти зборувај му нему и ставај ги зборовите во неговата уста. Јас ќе бидам и со тебе и со него додека зборувате; ќе ви кажувам на двајцата што ќе работите. 16Нека му зборува тој на народот место тебе. Така, тој ќе ти биде место уста, а ти ќе му бидеш нему место Бога. 17Земи го стапов во раката. Со него извршувај ги знаците.“
Мојсеј се враќа во Египет
18Потоа Мојсеј се врати при деда си Јотора и му рече: „Пушти ме да се вратам при браќата во Египет, да видам дали се уште живи. „Тргни со мир!“ му рече Јотор на Мојсеја. 19И Господ му рече на Мојсеја во Мадијам: „Врати се во Египет зашто изумреа сите луѓе, кои го бараа твојот живот.“ 20Така Мојсеј ги качи на ослето својата жена и синовите и замина за Египетската Земја. А во раката Мојсеј го зеде Божјиот стап. 21Господ му рече пак на Мојсеја: „Кога ќе се вратиш во Египет, погрижи се да ги извршиш, пред фараонот, сите чудеса за кои ти дадов сила, иако Јас ќе го направам кораво неговото срце, така што нема да го пушти народот да си отиде. 22Тогаш речи му на фараонот: ‘Вака вели Господ: „Израел е Мој првороденец. 23Барам од тебе да ми го пуштиш синот, за да ми искаже почитување. Ако откажеш да го пуштиш, Јас ќе го убијам твојот првороденец.“‘ „
24Кога патем Мојсеј застана да преноќева, Господ се нафрли на него да го убие. 25Но Сепфора зеде остро каменче, го обреза својот син и со кожичката ги допре Мојсеевите нозе: „Навистина ти си ми крвав маж,“ рече. 26И Господ го пушти. Заради обрезувањето таа го рече тоа: „крвав маж.“ 27Тогаш Господ му рече на Арона: „Запати се кон пустината, во пресрет на Мојсеј!“ Тој отиде и се сретна со него на Божјата Гора. Го пољуби. 28Мојсеј му раскажа на Арона сѐ што му довери Господ и сите знаци што му нареди да ги изврши. 29Сега Мојсеј и Арон отидоа и ги собраа сите старешини на Израелците. 30Арон им изложи сѐ што Господ му зборувал на Мојсеја, а Мојсеј ги направи знаците пред очите на народот. 31Народот беше уверен, и откако чуја дека Господ ги посети Израелците и погледа на нивните јадови, паднаа ничкум и се поклонија.

Селектирано:

ИЗЛЕЗ 4: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се