ИЗЛЕЗ 5
5
Мојсеј и Арон пред фараонот
1Потоа Мојсеј и Арон отидоа и му рекоа на фараонот: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Пушти го Мојот народ да отиде и да прослави свеченост во Моја чест.’“ 2„Кој е Тој Господ за да Го послушам јас - одговори фараонот - и да ги пуштам Израелците? Јас не Го познавам Тој Господ, ниту ќе ги пуштам Израелците.“ 3„Бог на Евреите ни се јави - рекоа. Затоа пушти нѐ да одиме три дни одење во пустината и да Му принесеме жртва на Господа, својот Бог, за да не нѐ нападне со помор или со меч.“ 4Тогаш египетскиот цар им одговори: „Мојсеј и Арон, зошто го одвлечкувате народот од неговата должност? Одете на својата работа. 5Сега кога луѓето се умножија толку - продолжи фараонот - вие сакате да ги остават работите?“ 6Во истиот ден фараонот им заповеда на надгледувачите и бележниците: 7„Не набавувајте му на овој народ плева како досега. Нека одат сами и си ја собираат. 8А барајте од нив исто количество плитари, што го правеа и досега. Не намалувајте го! Мрзливци се. Затоа викаат: ‘Ајде да Му принесеме жртва на својот Бог.’ 9Наложете им работи на тој народ: нека работат, за да не обрнуваат внимание на клеветите!“
10Така, дојдоа надгледувачите на народот и неговите бележници и му јавија на народот: „Фараонот порачува вака: ‘Нема повеќе да ви набавувам плева. 11Вие самите треба да одите и да ја барате, каде што ќе можете да ја најдете. Но затоа нема да ја намалам вашата работа.’“ 12Затоа народот се разотиде по целата египетска земја да собира слама место плева. 13А надгледувачите ги гонеа: „Секој ден треба да ја свршите истата работа како и тогаш додека ја добивавте плевата.“ 14А бележниците, кои фараоновите надгледувачи ги поставија над Израелците, ги тепаа и прекоруваа: „Зошто ни вчера ниту денес не направивте плитари колку и порано?“ 15Тогаш бележниците на Израелците отидоа и му се пожалија на фараонот: „Зошто постапуваш вака со своите слуги? 16Твоите слуги веќе не добиваат плева, а сепак од нас се бара: ‘Направете плитари!’ А и ги бијат твоите слуги, а виновен е твојот народ!“ 17„Вие сте мрзливци! Мрзливци! - одговори фараонот. Затоа и велите: ‘Ајде да Му принесеме жртва на Господа!’ 18Одете на работа! Плева нема да ви се дава, ама треба да го правите одреденото количество плитари.“ 19Бележниците на Израелците се најдоа во мака заради заповедта: „Не смеете да го намалите секојдневното количество на плитарите!“ 20Откако си отидоа од кај фараонот, ги најдоа Мојсеја и Арона, кои ги чекаа. 21„Господ нека ве има на око и нека ви суди! - им дофрлија. Нѐ замразивте кај фараонот и кај неговите дворјани; им дадовте меч во раката за да нѐ погубат.“
22Мојсеј се врати при Господа и рече: „Зошто, Господи, му нанесуваш штета на Својот народ? Зошто ме испрати? 23Откога јас стапив пред фараонот и му проговорив во Твое име, тој постапува уште полошо со овој народ. А Ти не преземаш ништо да го избавиш Својот народ.“
Селектирано:
ИЗЛЕЗ 5: MKB
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.