Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 9:1-19

Дела 9:1-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Во меѓувреме Савле, со секој свој здив, претставуваше смртна закана за Господовите следбеници. Толку беше ревносен во неговата решеност да ги истреби, што отиде кај Првосвештеникот и измоли од него да напише писма до синагогите во Дамаск, во кои Првосвештеникот ќе бара од нив да соработуваат со Савле во апсењето на сите следбеници на Патот што ќе ги најде таму. Савле сакаше да ги доведе во Ерусалим сите христијани, и мажи и жени, оковани во син?ири. Кога се приближи до Дамаск, ненадејно блесна во него силна светлина од небото! Тој падна на земјата и слушна глас, како му се обраќа: „Савле, Савле! Зошто Ме прогонуваш?“ „Кој сте Вие, господине?“ - праша Савле. Господ му одговори: „Јас сум Исус, Кого ти Го прогонуваш! Стани и влези во градот; таму ќе ти биде кажано што треба да правиш!“ Луѓето што патуваа со него стоеја занемени, зашто слушнаа глас, а не видоа никого. Савле стана од земјата, ги отвори очите, но ништо не гледаше. Водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск. Три дена не можеше да гледа, и ниту јадеше, ниту пиеше. А во Дамаск имаше еден христијанин по име Ананија. Нему Господ му се јави во видение и му рече: „Ананија!“, а тој му одговори: „Еве ме, Господе!“ Господ му рече: „Стани, оди на улицата наречена ,Права‘, во куќата на Јуда. Таму има еден човек од градот Тарс, по име Савле. Ќе го најдеш како се моли. Преку видение му покажав еден човек, по име Ананија, како доаѓа да ги положи врз него рацете, за тој повторно да прогледа!“ Ананија одговори: „Господе, многу сум слушал за тој човек, колку многу зла им има направено на Твоите следбеници во Ерусалим! Тој има овластување дадено од Првосвештеникот да го уапси секој што го повикува Твоето име!“ Но Господ му рече: „Оди храбро, зашто Јас сум го избрал Савле да им проповеда за Мене на нееврејските народи, на нивните цареви како и на Израелците. А јас ќе му покажам колку ќе мора да пропати поради проповедање на Моето име.“ Ананија отиде и влезе во посочената куќа. Ги положи рацете врз Савле и рече: „Брате Савле, ме испрати Господ Исус, Оној што ти се јави на патот по кој доаѓаше, за повторно да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“ Од очите на Савле веднаш падна нешто како лушпа и тој повторно прогледа. Потоа стана и беше крстен. Откако се најаде, му се врати силата. Савле остана неколку дена со христијаните во Дамаск.

Дела 9:1-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А Савле, дишејќи уште со застрашувања и убиства против учени­ци­те на Господа, дојде кај првосвеште­ни­кот и побара од него писма за синаго­ги­те во Дамаск, така што, ако таму најде некои што го следат овој пат, мажи и жени, врзани да ги доведе во Ерусалим. Но, додека по патот наближуваше до Дамаск, наеднаш го обзеде светлина од небото, и, откако падна на земја, слушна глас што му зборуваше: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?“ А тој одговори: „Кој си Ти, Гос­по­ди­не?“ А Господ му рече: „Јас сум Исус, Кого Го гониш.“ (Тресејќи се од страв и ужас, тој праша: „Господи, што сакаш да на­пра­вам?“ А Господ му рече:) „Стани и влези во градот; и ќе ти се каже што треба да правиш!“ А луѓето, што одеа по него, стоеја занемени од вчудовиденост, зашто слу­шаа глас, а никого не гледаа. Савле стана од земјата и, макар што му беа очите негови отворени, ништо не гледаше: и водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск. И три дена остана слеп, и ништо не јадеше, ниту пиеше. Во Дамаск, пак, имаше еден ученик по име Ананија, кому во видение Гос­под му рече: „Ананија!“ А тој одговори: „Еве ме Господи!“ Тогаш Господ му рече: „Стани и оди во улицата што се вика Права, и во домот Јудин побарај го човекот од Тарс, по име Савле; ете, тој сега се моли.“ И во видение виде еден човек, по име Ананија, како му пријдува и полага раце над него, за да може да прогледа. А Ананија одговори: „Господи, од мнозина сум слушал за тој човек колку зло им правел на Твоите светии во Еру­салим; а тој и овде има овластување од првосвештениците да ги врзува сите што го повикуваат името Твое.“ Но Господ му рече: „Оди, зашто тој ми е избран сад, за да го изнесе името Мое пред народи и цареви и синовите Израелови. И Јас ќе му покажам колку треба тој да пострада заради името Мое.“ А Ананија отиде и влезе во куќата и, откако ги положи рацете свои над не­го, рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети.“ И одеднаш како лушпи да паднаа од очите негови, и тој прогледа и кога ста­на, се крсти. А откако прими храна, Савле зак­репна. Потоа неколку дена преседе со учениците во Дамаск

Дела 9:1-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А Савле, кој сѐ уште дишеше со закана и убиство против Господовите ученици, отиде при првосвештеникот, и измоли од него писма до синагогите во Дамаск; ако најде таму некои следбеници на овој Пат, мажи и жени, да ги доведе врзани во Ерусалим. Кога на својот пат му се приближи на Дамаск, одненадеж го осветли светлина од небото; и падна на земјата и чу глас, кој му рече: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?“ А тој рече: „Кој си Ти, Господине?“ А Тој рече: „Јас Сум Исус, Кого ти Го гониш. Тешко е за тебе да се риташ против бодило!“ Тресејќи се од страв и ужас, тој праша: „Господи што сакаш да направам?“ А Господ му рече: „Стани и влези во градот, и ќе ти се каже, што треба да правиш!“ А мажите, кои го придружуваа, стоеја занемени, зашто го чуја гласот, а не видоа никого. И Савле стана од земјата; иако очите му беа отворени, не гледаше ништо. Тогаш го зедоа за рака и го воведоа во Дамаск. И беше слеп три дни: и не јадеше ниту пиеше. А во Дамаск беше еден ученик, по име Ананиј, и Господ му рече во привидение: „Ананиј!“ А тој рече: „Еве ме, Господи!“ А Господ му рече: „Стани и оди во улицата, што се вика „Права,“ и во Јудината куќа побарај го тарсанецот, наречен Савле! Зашто, ете, тој се моли.“ И виде во видение човек по име Ананиј, како влегува при него и ги полага рацете на него за да прогледа. Ананиј одговори: „Господи, чув од мнозина за тој човек, колку зло им направил на Твоите свети во Ерусалим. И тука има власт од свештеничките главатари да ги врзе сите оние, кои го повикуваат Твоето име.“ А Господ му рече: „Оди, зашто тој човек е Мој избран сад, за да го изнесе Моето име пред народите, и пред царевите, и пред Израелевите синови; Јас ќе му покажам колку треба да пострада за Моето име.“ И Ананиј отиде, и влезе во куќата и ги положи рацете на него и рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави на патот по кој доаѓаше, ме испрати за да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“ И веднаш паднаа од неговите очи како лушпи и тој прогледа; стана и беше крстен; и прими храна, и закрепна. Неколку дена Савле помина со учениците, кои беа во Дамаск.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност