Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДЕЛА 9:1-19

ДЕЛА 9:1-19 MKB

А Савле, кој сѐ уште дишеше со закана и убиство против Господовите ученици, отиде при првосвештеникот, и измоли од него писма до синагогите во Дамаск; ако најде таму некои следбеници на овој Пат, мажи и жени, да ги доведе врзани во Ерусалим. Кога на својот пат му се приближи на Дамаск, одненадеж го осветли светлина од небото; и падна на земјата и чу глас, кој му рече: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?“ А тој рече: „Кој си Ти, Господине?“ А Тој рече: „Јас Сум Исус, Кого ти Го гониш. Тешко е за тебе да се риташ против бодило!“ Тресејќи се од страв и ужас, тој праша: „Господи што сакаш да направам?“ А Господ му рече: „Стани и влези во градот, и ќе ти се каже, што треба да правиш!“ А мажите, кои го придружуваа, стоеја занемени, зашто го чуја гласот, а не видоа никого. И Савле стана од земјата; иако очите му беа отворени, не гледаше ништо. Тогаш го зедоа за рака и го воведоа во Дамаск. И беше слеп три дни: и не јадеше ниту пиеше. А во Дамаск беше еден ученик, по име Ананиј, и Господ му рече во привидение: „Ананиј!“ А тој рече: „Еве ме, Господи!“ А Господ му рече: „Стани и оди во улицата, што се вика „Права,“ и во Јудината куќа побарај го тарсанецот, наречен Савле! Зашто, ете, тој се моли.“ И виде во видение човек по име Ананиј, како влегува при него и ги полага рацете на него за да прогледа. Ананиј одговори: „Господи, чув од мнозина за тој човек, колку зло им направил на Твоите свети во Ерусалим. И тука има власт од свештеничките главатари да ги врзе сите оние, кои го повикуваат Твоето име.“ А Господ му рече: „Оди, зашто тој човек е Мој избран сад, за да го изнесе Моето име пред народите, и пред царевите, и пред Израелевите синови; Јас ќе му покажам колку треба да пострада за Моето име.“ И Ананиј отиде, и влезе во куќата и ги положи рацете на него и рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави на патот по кој доаѓаше, ме испрати за да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“ И веднаш паднаа од неговите очи како лушпи и тој прогледа; стана и беше крстен; и прими храна, и закрепна. Неколку дена Савле помина со учениците, кои беа во Дамаск.

Бесплатни планови за читање и побожни текстови поврзани со ДЕЛА 9:1-19