Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ДЕЛА 9

9
Обраќањето на Павле
1А Савле, кој сѐ уште дишеше со закана и убиство против Господовите ученици, отиде при првосвештеникот, 2и измоли од него писма до синагогите во Дамаск; ако најде таму некои следбеници на овој Пат, мажи и жени, да ги доведе врзани во Ерусалим. 3Кога на својот пат му се приближи на Дамаск, одненадеж го осветли светлина од небото; 4и падна на земјата и чу глас, кој му рече: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?“ 5А тој рече: „Кој си Ти, Господине?“ А Тој рече: „Јас Сум Исус, Кого ти Го гониш. Тешко е за тебе да се риташ против бодило!“ 6Тресејќи се од страв и ужас, тој праша: „Господи што сакаш да направам?“ А Господ му рече: „Стани и влези во градот, и ќе ти се каже, што треба да правиш!“ 7А мажите, кои го придружуваа, стоеја занемени, зашто го чуја гласот, а не видоа никого. 8И Савле стана од земјата; иако очите му беа отворени, не гледаше ништо. Тогаш го зедоа за рака и го воведоа во Дамаск. 9И беше слеп три дни: и не јадеше ниту пиеше. 10А во Дамаск беше еден ученик, по име Ананиј, и Господ му рече во привидение: „Ананиј!“ А тој рече: „Еве ме, Господи!“ 11А Господ му рече: „Стани и оди во улицата, што се вика „Права,“ и во Јудината куќа побарај го тарсанецот, наречен Савле! Зашто, ете, тој се моли.“ 12И виде во видение човек по име Ананиј, како влегува при него и ги полага рацете на него за да прогледа. 13Ананиј одговори: „Господи, чув од мнозина за тој човек, колку зло им направил на Твоите свети во Ерусалим. 14И тука има власт од свештеничките главатари да ги врзе сите оние, кои го повикуваат Твоето име.“ 15А Господ му рече: „Оди, зашто тој човек е Мој избран сад, за да го изнесе Моето име пред народите, и пред царевите, и пред Израелевите синови; 16Јас ќе му покажам колку треба да пострада за Моето име.“ 17И Ананиј отиде, и влезе во куќата и ги положи рацете на него и рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави на патот по кој доаѓаше, ме испрати за да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“ 18И веднаш паднаа од неговите очи како лушпи и тој прогледа; стана и беше крстен; 19и прими храна, и закрепна.
Савле почнува да го проповеда Христа
Неколку дена Савле помина со учениците, кои беа во Дамаск. 20И веднаш Го проповедаше Исуса по синагогите, дека е Тој Божји Син. 21А сите кои го слушаа, се восхитуваа и велеа: „Не е ли овој, кој во Ерусалим ги истреби оние, кои го повикуваа ова Име, и зар не дојде ваму, за да ги поведе врзани пред свештеничките главатари?“ 22Но Савле беше сѐ посилен и ги збунуваше Јудејците, кои живееја во Дамаск, докажувајќи дека Овој Исус е Месија - Помазаник. 23И кога минаа многу дни, Јудејците се одлучија да го убијат. 24Но Павле узна за нивниот заговор. А тие ги чуваа градските врати, дење и ноќе, за да го убијат. 25Но учениците го зедоа и го спуштија ноќе во кошница преку ѕидот.
26А кога дојде во Ерусалим, се обидуваше да им се доближи на учениците; но сите се боеја од него, зашто не веруваа дека е ученик. 27Тогаш Варнава го зеде и го одведе при апостолите и им раскажа како патем Го видел Господа, и дека му зборуваше, и како во Дамаск проповедаше смело во Исусовото Име. 28И со нив влегуваше во Ерусалим, и излегуваше, 29проповедајќи смело во Господовото име. Зборуваше и се препираше со елинистите, а тие гледаа да го убијат. 30А кога браќата го научија тоа, го одведоа во Ќесарија, и оттаму го испратија во Тарс.
31И така, црквите по цела Јудеја, Галилеја и Самарија беа во мир; се изградуваа и одеа во Господовиот страв и со утехата на Светиот Дух, се намножуваа.
Петар во Лида и Јопа
32А кога Петар ги обиколуваше сите, дојде и при светите, кои живееја во Лида. 33Таму најде еден човек, по име Енеј, кој лежеше осум години парализиран на постела. 34И Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува; стани и направи си го леглото!“ И тој стана веднаш. 35И го видоа сите жители во Лида и во Сарон, и се обрнаа кон Господа.
36А во Јопија беше една ученичка по име Тавита, што преведено на елински значи Срна. Таа беше полна со добри дела и милостини, што ги правеше. 37Во оние денови се разболе и умре; ја искапија и ја ставија во горната соба. 38А бидејќи Лида е близу до Јопија, учениците чуја дека Петар е во Лида и испратија при него два човека со молба: „Не се двоуми да дојдеш до нас!“ 39А Петар стана и отиде со нив. Кога дојде, го одведоа во собата; и му пристапија сите вдовици плачејќи и покажувајќи му ги туниките и облеките, што ги правеше Срна додека беше со нив. 40А Петар ги истера сите надвор, клекна на колена и се помоли; и се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ А таа ги отвори очите, и кога го виде Петра седна. 41А тој ѝ ја подаде раката и ја подигна. Потоа ги повика светите и вдовиците и им ја покажа жива. 42Тоа се разгласи по сета Јопија и мнозина поверуваа во Господа. 43Тој пак остана многу денови во Јопија, кај некојси кожар Симон.

Селектирано:

ДЕЛА 9: MKB

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност