Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела Ап. 9

9
1Во меѓувреме Савле, со секој свој здив, претставуваше смртна закана за Господовите следбеници. Толку беше ревносен во неговата решеност да ги истреби, што отиде кај Првосвештеникот
2и измоли од него да напише писма до синагогите во Дамаск, во кои Првосвештеникот ќе бара од нив да соработуваат со Савле во апсењето на сите следбеници на Патот што ќе ги најде таму. Савле сакаше да ги доведе во Ерусалим сите христијани, и мажи и жени, оковани во син?ири.
3Кога се приближи до Дамаск, ненадејно блесна во него силна светлина од небото!
4Тој падна на земјата и слушна глас, како му се обраќа: „Савле, Савле! Зошто Ме прогонуваш?“
5„Кој сте Вие, господине?“ - праша Савле. Господ му одговори: „Јас сум Исус, Кого ти Го прогонуваш!
6Стани и влези во градот; таму ќе ти биде кажано што треба да правиш!“
7Луѓето што патуваа со него стоеја занемени, зашто слушнаа глас, а не видоа никого.
8Савле стана од земјата, ги отвори очите, но ништо не гледаше. Водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск.
9Три дена не можеше да гледа, и ниту јадеше, ниту пиеше.
10А во Дамаск имаше еден христијанин по име Ананија. Нему Господ му се јави во видение и му рече: „Ананија!“, а тој му одговори: „Еве ме, Господе!“
11Господ му рече: „Стани, оди на улицата наречена ,Права‘, во куќата на Јуда. Таму има еден човек од градот Тарс, по име Савле. Ќе го најдеш како се моли.
12Преку видение му покажав еден човек, по име Ананија, како доаѓа да ги положи врз него рацете, за тој повторно да прогледа!“
13Ананија одговори: „Господе, многу сум слушал за тој човек, колку многу зла им има направено на Твоите следбеници во Ерусалим!
14Тој има овластување дадено од Првосвештеникот да го уапси секој што го повикува Твоето име!“
15Но Господ му рече: „Оди храбро, зашто Јас сум го избрал Савле да им проповеда за Мене на нееврејските народи, на нивните цареви како и на Израелците.
16А јас ќе му покажам колку ќе мора да пропати поради проповедање на Моето име.“
17Ананија отиде и влезе во посочената куќа. Ги положи рацете врз Савле и рече: „Брате Савле, ме испрати Господ Исус, Оној што ти се јави на патот по кој доаѓаше, за повторно да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“
18Од очите на Савле веднаш падна нешто како лушпа и тој повторно прогледа. Потоа стана и беше крстен.
19Откако се најаде, му се врати силата. Савле остана неколку дена со христијаните во Дамаск.
20Веднаш почна во синагогите да проповеда дека Исус е Божјиот Син.
21Сите што го слушаа беа вчудовидени и велеа: „Не ли е овој истиот човек што во Ерусалим ги убиваше следбениците на Исус? Зар не дојде и овде со истата цел: да ги уапси Исусовите следбеници и во пранги да ги одведе кај Првосвештениците?“
22Но Савле толку уверливо докажуваше дека Исус е Месијата, што Евреите кои беа во Дамаск беа целосно збунети и не можеа да му се противстават.
23По долго време, Евреите сковаа заговор да го убијат,
24но на Савле му беше јавено дека Евреите стражарат покрај градските порти и дење и ноќе, за да го фатат и да го убијат.
25Затоа христијаните во текот на ноќта го префрлија преку ѕидините, спуштајќи го во кош.
26Од Дамаск, Савле отпатува за Ерусалим, каде што се обиде да се поврзе со тамошните христијани, но тие се плашеа од него и не веруваа дека и тој навистина станал христијанин.
27Тогаш Барнаба го доведе кај апостолите и им раскажа како Савле на патот се сретнал со Господ и зборувал со Него, па како во Дамаск смело проповедал за Исус.
28Тогаш апостолите го прифатија. Савле остана извесно време со нив, движејќи се во Ерусалим и околината, смело проповедајќи за Господ.
29Се расправаше и со некои елинизирани Евреи, но тие се обидуваа да го убијат.
30Кога дознаа за ова, христијаните го одведоа во Цезареја, и оттаму го испратија за Тарс.
31Тогаш низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија, за Црквата настапи период на мир и растеж. Живеејќи со страхопочит спрема Господ и имајќи поткрепа од Светиот Дух, бројот на христијаните постојано се зголемуваше.
32Посетувајќи ги христијаните, апостол Петар патуваше од место во место. Така пристигна и кај следбениците на Господ што живееја во градот Лида.
33Таму сретна еден човек по име Енеј, кој осум години лежел парализиран.
34Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцелува! Стани и намести си ја постелата!“ И тој веднаш стана!
35Сите што живееја во Лида и Шарон го видоа ова и се обратија кон Господ.
36А во градот Јопа имаше една христијанка по име Тавита, што во превод значи ,Срна‘. Таа имаше направено многу добри дела и имаше раздавано многу милостина.
37Во тоа време се разболе и умре. Ја избањаа и ја положија во една соба на горниот кат.
38Лида е близу до Јопа и кога христијаните од Јопа разбраа дека Петар е во Лида, испратија двајца луѓе да го викнат веднаш да дојде кај нив.
39Петар веднаш стана и тргна со нив кон Јопа. Кога пристигнаа, го одведоа во горната соба. Собата беше полна со вдовици кои веднаш се собраа околу Петар и плачејќи му ги покажуваа кошулите и другите облеки што ги изработувала Тавита додека била жива.
40Петар ги замоли сите да излезат надвор. Потоа клекна на колена, се помоли, се сврте кон мртвото тело и рече: „Тавита, стани!“ Таа ги отвори очите и кога го виде Петар седна.
41Тој и подаде рака, и и помогна да стане. Потоа ги викна христијаните и вдовиците и им ја покажа жива.
42Тоа се расчу низ целиот град Јопа, и многумина поверуваа во Господ.
43А Петар остана подолго време во Јопа. Живееше кај еден човек по име Симон, кој беше кожар.

Селектирано:

Дела Ап. 9: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност