Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Петар 2:1-10

1 Петар 2:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Затоа ослободете се од се што е злобно, немојте да лажете и да лицемерите, немојте да завидувате и да клеветите. Бидете како новороденчиња, секогаш жедни за чисто духовно млеко, преку кое ќе растете до полнота во вашето спасение, сега кога лично се уверивте дека Господ е добар. Дојдете кај Исус Христос. Тој е Живиот Камен, Кој, навистина од луѓето беше отфрлен, но Бог го одбра и за Него е скапоцен. Сега и вие како живи камења сте вградени во еден духовен дом, за да бидете свето свештенство, да принесувате духовни жртви прифатливи за Бог, заради Исус Христос. За ова во Светото Писмо Бог вели: „Еве, ќе поставам во Ерусалим Камен-темелник, одбран и скапоцен; кој ќе поверува во Него, никогаш нема да се разочара.“ Да, за вас што верувате: „Тој Камен што ѕидарите го отфрлија, стана Камен-темелник,“ скапоцен Камен. А за оние што Го отфрлија, истиот тој Камен е: „Камен од кој ќе се сопнуваат, Карпа преку која ќе паѓаат.“ Тие се сопнуваат затоа што не ја слушаат и не ја веруваат Божјата порака. Затоа таква судбина им е определена. Но вие сте одбрани луѓе, царско свештенство, свет народ, луѓе што Му припаѓаат на Бог. Вие сте избрани за да им ја покажете на луѓето Божјата добрина, зашто Тој ве изведе од темнината и ве воведе во Својата прекрасна светлина. „Вие што порано не бевте сметани за народ, сега сте Божји народ; вие над кои немаше кој да се сожали, сега добивте милост од Бога.“

1 Петар 2:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Отфрлете, пак, од себеси секаква пакост и секаква измама, и лицемерство, и завист, и секакво клеветење, како новородени деца бидете желни за вистинско и духовно млеко, та во него да пораснете за спасение, бидејќи вкусивте дека Господ е добар. Пристапете кон Него, живиот ка­мен, од луѓето отфрлен, но од Бога из­бран, драгоцен, вие кои како живи камења сте вгра­дени во духовен дом, свештенство све­то, за да принесете духовни жртви кои Му се на Бога пријатни преку Исус Христос. Зашто во Писмото стои напишано: „Еве, на Сион поставувам камен темелник, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами!“ Вам, пак, кои верувате, Тој ви е чест, а за неверниците – „Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник“, камен од кој тие се сопнуваат и ка­мен на кој паѓаат, зашто не му се покоруваат на словото; за тоа се тие и одредени. Но вие сте избран род, царско свеш­тенство, свет народ, луѓе придобиени за да ги возвестите совршенствата на Оној Кој ве повикал од темнина во Својата чудесна светлина; вие, кои некогаш не бевте народ, а сега сте народ Божји; кои не бевте по­милувани, а сега сте помилувани.

1 Петар 2:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, положете ги настрана: секоја злоба и секаква измама, и лицемерство, и завист, и секаква клевета. Како новородени деца, копнејте по чисто духовно млеко на словото, за да пораснете преку него за спасение, ако сте вкусиле дека Господ е добар. Пристапете при Него, живиот Камен, Кого навистина луѓето Го отфрлија, но Кој е од Бога избран, и скапоцен, та дозволете од самите вас, како живи камења, да се изгради духовен дом, свето свештенство, за да принесувате духовни жртви, кои Му се пријатни на Бога, преку Исуса Христа. Зашто пишува во Писмото: „Еве, поставувам во Сион аголен Камен, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами.“ Така, за вас, кои верувате, Тој е скапоцен; а за оние кои не веруваат: „Каменот, кого го отфрлија ѕидарите, но Кој стана аголен камен,“ и „камен за сопнување, и стена на соблазнување,“ на која се сопнуваат оние, кои се непокорни на словото: за што се и определени. А вие сте избран род, царско свештенство, свет народ, народ придобиен, за да ги прогласите славните дела на Оној, Кој ве повика од темнина во Својата чудесна светлина; вие кои некогаш не бевте народ, сега сте Божји народ; вие кои некогаш не бевте помилувани, сега сте помилувани.