Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Петар 2:1-10

1 Петар 2:1-10 MNT

Затоа ослободете се од се што е злобно, немојте да лажете и да лицемерите, немојте да завидувате и да клеветите. Бидете како новороденчиња, секогаш жедни за чисто духовно млеко, преку кое ќе растете до полнота во вашето спасение, сега кога лично се уверивте дека Господ е добар. Дојдете кај Исус Христос. Тој е Живиот Камен, Кој, навистина од луѓето беше отфрлен, но Бог го одбра и за Него е скапоцен. Сега и вие како живи камења сте вградени во еден духовен дом, за да бидете свето свештенство, да принесувате духовни жртви прифатливи за Бог, заради Исус Христос. За ова во Светото Писмо Бог вели: „Еве, ќе поставам во Ерусалим Камен-темелник, одбран и скапоцен; кој ќе поверува во Него, никогаш нема да се разочара.“ Да, за вас што верувате: „Тој Камен што ѕидарите го отфрлија, стана Камен-темелник,“ скапоцен Камен. А за оние што Го отфрлија, истиот тој Камен е: „Камен од кој ќе се сопнуваат, Карпа преку која ќе паѓаат.“ Тие се сопнуваат затоа што не ја слушаат и не ја веруваат Божјата порака. Затоа таква судбина им е определена. Но вие сте одбрани луѓе, царско свештенство, свет народ, луѓе што Му припаѓаат на Бог. Вие сте избрани за да им ја покажете на луѓето Божјата добрина, зашто Тој ве изведе од темнината и ве воведе во Својата прекрасна светлина. „Вие што порано не бевте сметани за народ, сега сте Божји народ; вие над кои немаше кој да се сожали, сега добивте милост од Бога.“