Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Петар 2

2
1Затоа ослободете се од се што е злобно, немојте да лажете и да лицемерите, немојте да завидувате и да клеветите.
2Бидете како новороденчиња, секогаш жедни за чисто духовно млеко, преку кое ќе растете до полнота во вашето спасение,
3сега кога лично се уверивте дека Господ е добар.
4Дојдете кај Исус Христос. Тој е Живиот Камен, Кој, навистина од луѓето беше отфрлен, но Бог го одбра и за Него е скапоцен.
5Сега и вие како живи камења сте вградени во еден духовен дом, за да бидете свето свештенство, да принесувате духовни жртви прифатливи за Бог, заради Исус Христос.
6За ова во Светото Писмо Бог вели: „Еве, ќе поставам во Ерусалим Камен-темелник, одбран и скапоцен; кој ќе поверува во Него, никогаш нема да се разочара.“
7Да, за вас што верувате: „Тој Камен што ѕидарите го отфрлија, стана Камен-темелник,“ скапоцен Камен. А за оние што Го отфрлија, истиот тој Камен е:
8„Камен од кој ќе се сопнуваат, Карпа преку која ќе паѓаат.“ Тие се сопнуваат затоа што не ја слушаат и не ја веруваат Божјата порака. Затоа таква судбина им е определена.
9Но вие сте одбрани луѓе, царско свештенство, свет народ, луѓе што Му припаѓаат на Бог. Вие сте избрани за да им ја покажете на луѓето Божјата добрина, зашто Тој ве изведе од темнината и ве воведе во Својата прекрасна светлина.
10„Вие што порано не бевте сметани за народ, сега сте Божји народ; вие над кои немаше кој да се сожали, сега добивте милост од Бога.“
11Драги мои, вие сте привремени жители, туѓинци на оваа Земја. Затоа ве молам да не им се препуштате на телесните страсти, зашто тие војуваат против вашите души.
12Однесувајте се примерно спрема луѓето кои не Го познаваат Бога. Иако тие ве клеветат дека сте злосторници, кога ќе видат дека вршите добри дела, ќе Го прослават Бога во денот кога Тој ќе ги посети.
13Заради Господ, покорувајте им се на институциите на власта: било на царот, како на врховен владетел,
14било на управниците назначени од него. Тие се поставени за да ги казнуваат злосторниците, а да ги пофалуваат оние што прават добро.
15Бог сака со правење добро да ги замолкнете неоснованите обвинувања на неразумните луѓе.
16Вие не сте робови, туку слободни луѓе, но не треба да ја користите слободата како изговор за да правите зло, туку да живеете служејќи Му на Бог.
17Почитувајте ги сите луѓе. Сакајте ги христијаните, имајте страхопочит спрема Бог и почитувајте ја власта.
18Слуги, покорувајте им се со страхопочит на вашите господари, не само на оние што се добри и кротки, туку и на оние што се сурови.
19Вредно е во Божјите очи ако од обѕири спрема Него трпеливо поднесувате страдања на кои сте неправедно изложени.
20Инаку, зар би било за пофалба, ако трпите заслужена казна!? Но ако правите добро, а сепак страдате, тоа е вредно во Божјите очи.
21Токму заради ова Бог и ве одбра. Христос страдаше за вас и ви даде пример што треба да го следите.
22„Грев Тој не направи, лага не изусти.“
23Кога Го навредуваа, Тој не им возвраќаше со навреди. Кога страдаше, Тој не се закануваше, туку се препушти во рацете на Бог, Кој суди праведно.
24Ги зеде нашите гревови врз себе, на крстот, за да бидеме мртви за гревот, и да почнеме да живееме за праведноста. Тој доби рани за да бидете вие здрави.
25Талкавте како залутани овци. Но сега се вративте кај Пастирот, кај Оној што се грижи за вашите души.

Селектирано:

1 Петар 2: MNT

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се