Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Коринтјаните 11:1-34

1 Коринтјаните 11:1-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Угледајте се на мене, како и јас на Христос! Ве пофалувам, браќа, зашто во сѐ си спомнувате за мене и ги држите пре­да­нијата така како што сум ви ги предал. Сакам уште да знаете дека глава на секој маж е Христос; а на жената ма­жот е глава; на Христос, пак, глава е Бог. Секој маж, кој се моли или пророкува со покриена глава, ја срамоти својата глава; а, пак, секоја жена, која се моли или пророкува гологлава, ја срамоти главата своја, зашто тоа е исто како да е истрижена. Ако жената не сака да се покрива, тогаш нека се стриже; ако, пак, е грдо за жена да се стриже или бричи, тогаш нека се покрива. И така, мажот не треба да ја покрива главата своја, зашто е образ и слава Божја, а жената е слава на мажот. Зашто не е мажот од жената, туку жената од мажот; и мажот не е создаден за жената, ту­ку жената за мажот. Затоа жената треба да има на гла­вата свој знак од власта на мажот над неа поради ангелите. Па сепак, ниту жена е без маж, ни­ту маж е без жена во Господ. Зашто, како што е жената од ма­жот, така е и мажот преку жената; а сѐ е од Бога. Просудете сами во себе: доликува ли жена да Му се моли на Бога гологлава? Нели и самата природа ве учи дека е срамно за мажот да има долга коса? Но, ако жената си ја остави косата, тоа е украс за неа, бидејќи косата ѝ е да­дена место превез. Но, ако некој сака да се препира, ние немаме таков обичај, ниту црквите Божји. А заповедајќи ви го ова, не можам да ве пофалам дека за подобро, туку за полошо се собирате. Прво, пак, слушам дека, кога се со­бирате в црква, се појавуваат расколи меѓу вас, во што делумно верувам. А потребно е меѓу вас да има и раз­делувања, за да се истакнат подостој­ни­те меѓу вас. Но, кога се собирате така заедно, тоа не значи дека јадете вечера Гос­по­дова: зашто на јадењето секој брза да ја земе својата вечера пред другите, така што еден останува гладен, а друг се опива. Немате ли куќи за да јадете и пи­ете? Или ја презирате црквата Божја и ги срамотите оние, што не се имотни? Што да ви речам? Да ве пофалам ли за тоа? Не пофалувам! А јас го примив од Господ она, што ви го предадов; а тоа е дека Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб, и, откако заблагодари, го прекрши и рече: „Земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас, правете го ова за спомен Мој!“ По вечерата, исто така, зеде и ча­ша, па рече: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв; ова правете го, кога ќе пиете за Мој спомен!“ Зашто, секогаш, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господ, додека Тој не дојде. Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, ви­новен ќе биде спрема телото и крвта на Господ. Но, секој човек да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово. Па затоа меѓу вас има многу немоќни и нејаки, а мнозина и умираат. Зашто, ако бевме се испитувале са­ми себе, тогаш немаше да бидеме осуде­ни. Но судејќи нѐ, Господ нѐ превос­пи­тува, за да не бидеме осудени заедно со светот. Затоа, браќа мои, кога се собирате на јадење, дочекувајте се еден со друг. Ако е, пак, некој гладен, нека јаде дома, за да не се собирате за осуда. А другото ќе го наредам, кога ќе дојдам.

1 Коринтјаните 11:1-34 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Следете го мојот пример, како што јас го следам примерот на Христос. Мило ми е, драги пријатели, дека постојано сум ви во мислите и ве пофалувам дека точно го следите христијанското учење, онака како што ви го пренесов. Но има нешто што сакам да го знаете: Секој маж има свој поглавар, а тоа е Христос, и секоја жена има свој поглавар, а тоа е нејзиниот маж. И Христос има свој поглавар, а тоа е Бог. Секој маж што се моли или пророкува со покривало на главата го срамоти својот поглавар, односно Христос. И секоја жена што се моли или пророкува гологлава, го срамоти својот поглавар, односно мажот, зашто тоа е исто како да и е избричена главата. Ако некоја жена не сака да носи покривало на својата глава, тоа е како да е сосема истрижена! А бидејќи е срамно жените да бидат истрижени или со избричена глава, нека носат покривала. Мажот не треба да носи покривало на главата бидејќи тој ја одразува Божјата слава и беше создаден според Божјиот лик. Жената пак, ја одразува славата на мажот. Зашто првиот човек не беше создаден од жена, туку жената беше создадена од маж. Не беше мажот создаден заради жената, туку жената заради мажот. Затоа жените треба да носат покривала на главата како знак на потчинетост, бидејќи ангелите гледаат. Но според Господ, ниту мажот е независен од жената, ниту жената е независна од мажот. Како што жената потекнува од мажот, така и мажот дошол на свет преку жена, а Создател на се што суштествува е Бог. Кажете сами, дали прилега жена да Му се моли на Бог без покривало на главата? Зар самата природа не ве учи дека на мажот не му прилега да носи долга коса? Од друга страна, за жената долгата коса е украс. Таа и е дадена како еден вид покривало на главата. Но, ако некој има намера да се препира околу ова прашање, ниту ние, ниту другите Божји цркви немаме таков обичај. За следното прашање, за кое ќе ви дадам упатства, не можам да ве пофалам, зашто се чини дека вашите собирања предизвикуваат повеќе штета одошто полза! Пред се, слушам, а делумно и верувам во тоа, дека, кога се собирате на богослужби, меѓу вас има подвоеност. Неизбежно е и меѓу вас да се појават групи што ќе се отцепат од вас. Но така ќе се види кој се држи до вистината. Слушам дека кога се собирате на Господовата спомен-вечера секој гледа брзо да си го изеде тоа што го донесол, па еден останува гладен, а друг се опива! Си немате ли вие куќи, па таму да јадете и да пиете? Или сакате да ги презирате сиромашните во Божјата црква!? Што да ви кажам? Зар да ве фалам? За тоа не можам да ве пофалам! И вам ќе ви го пренесам она што Господ мене ми го предаде. Ноќта кога беше предаден, Господ Исус зеде леб, се заблагодари, го раскрши и рече: „Ова е Моето тело што се крши за вас. Правете го ова како спомен за Мене.“ Исто така, по вечерата зеде чаша со вино и рече: „Оваа чаша е Новиот завет меѓу Бог и вас, запечатен со Мојата крв. Потсетувајте се на ова секогаш кога ќе пиете за сеќавање на Мене.“ Секојпат кога за оваа цел јадете од лебот и пиете од чашата, ја прикажувате смртта на Господ, се додека Тој повторно не дојде. Секој што недостојно јаде од лебот или пие од чашата Господова, виновен е за непочитување на телото и крвта на Господ. Секој прво нека се преиспита, а потоа нека јаде од лебот и нека пие од чашата принесена како Господова спомен-вечера. Зашто, оној што зема учество во спомен-вечерата Господова, а нема правилна вера, разбирање и почит спрема телото на Господ, си навлекува осуда врз себе! Затоа меѓу вас има многу слаби и болни, а некои дури и починаа. Кога самите себеси би се преиспитувале, не би биле казнувани. А кога Господ не кара и казнува, тоа е за да не поправи, па да не бидеме осудени заедно со неверничкиот свет. Затоа, драги мои, кога се собирате да ја јадете Господовата спомен-вечера, причекувајте се! Ако е некој гладен, нека јаде дома. Така вашите собирања нема да ви носат осуда. А за другите работи, ќе ви дадам упатства кога ќе дојдам.

1 Коринтјаните 11:1-34 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Угледајте се на мене, како и јас на Христа. Ве пофалувам дека ме помните за сѐ и дека ги држите преданијата како што ви ги предадов. Но сакам да знаете дека Христос е глава на секој маж, а мажот е глава на жената; а пак Бог е глава на Христа. Секој маж, кој се моли или пророкува имајќи нешто на неговата глава, ја срамоти главата. А секоја жена, која се моли или пророкува гологлава, ја срами својата глава, зашто е сосем исто како да е истригана. И така: ако жената не се покрива - нека се истриже! Но ако е срамно за жената да се стриже или да се бричи; нека се покрива! Мажот пак не треба да ја покрива главата, зашто е слика и слава Божја, а жената е слава на мажот. Зашто мажот не е од жената, туку жената од мажот; бидејќи мажот не е создаден заради жената, туку жената заради мажот. Затоа жената треба да има власт на главата, заради ангелите. Но во Господа ниту мажот е без жена, ниту жената - без маж, зашто како што е жената од мажот, така е и мажот преку жената, а сѐ е од Бога. Пресудете сами во себе дали е прилично жената да Му се моли на Бога непокриена? Не ве учи ли самата природа дека е срамно за мажот да има долга коса, ако пак жената има долга коса, тоа е чест за неа, зашто косата ѝ е дадена место превез. Но ако некој мисли да се препира ние немаме таков обичај, ниту Божјите цркви. Заповедувајќи ви го тоа, не можам да ве фалам, зашто вашите состаноци не се за подобро, туку за полошо. Зашто, прво, слушам дека, кога се собирате постојат раздори меѓу вас, и верувам нешто од тоа, зашто треба да има меѓу вас и разлики, за да се покажат подостојните меѓу вас. И така, кога се собирате заедно, не е тоа за да се јаде Господовата вечера, зашто кога ќе се седне на трпезата, секој го зема своето јадење; и едниот гладува, а другиот се пијани. Немате ли куќи, за да јадете и пиете? Или ја презирате Божјата црква и ги срамите оние, кои немаат? Што да ви речам? Да ве пофалам? Не ве фалам во тоа. Зашто, јас го примив од Господа она, што и ви го предадов: дека Господ Исус, во онаа ноќ во која беше предаден, зеде леб, и благодари, го раскрши и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело, кое се крши за вас. Правете го ова за Мој спомен!“ Исто така и чашата, по вечера, и рече: „Ова е чаша на Новиот Завет во Мојата крв. Правете го ова, секојпат кога пиете, за Мој спомен!“ Зашто, секојпат кога ќе го јадете овој леб, и ќе пиете од оваа чаша, ја навестувате Господовата смрт, додека дојде Тој. Затоа, кој јаде од лебов или пие од оваа Господова чаша, на недостоен начин, ќе биде виновен против телото и крвта на Господа. Но, човекот нека се испита себеси, и така да јаде од лебот и да пие од чашата, зашто кој јаде и пие, а не Го распознава Господовото тело, јаде и пие за свое осудување. Затоа мнозина се слаби и болни меѓу вас, а мнозина и умираат. Ако се осудуваме сами себеси, нема да ни се суди; а кога Господ нѐ суди, нѐ накажува, за да не бидеме осудени со светот. Затоа, браќа мои, кога се собирате да јадете, чекајте се еден со друг! Ако е некој гладен, нека јаде дома, за да не се собирате за осудување. А другото ќе го уредам кога ќе дојдам.