Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Коринтјаните 11:1-34

1 Коринтјаните 11:1-34 MNT

Следете го мојот пример, како што јас го следам примерот на Христос. Мило ми е, драги пријатели, дека постојано сум ви во мислите и ве пофалувам дека точно го следите христијанското учење, онака како што ви го пренесов. Но има нешто што сакам да го знаете: Секој маж има свој поглавар, а тоа е Христос, и секоја жена има свој поглавар, а тоа е нејзиниот маж. И Христос има свој поглавар, а тоа е Бог. Секој маж што се моли или пророкува со покривало на главата го срамоти својот поглавар, односно Христос. И секоја жена што се моли или пророкува гологлава, го срамоти својот поглавар, односно мажот, зашто тоа е исто како да и е избричена главата. Ако некоја жена не сака да носи покривало на својата глава, тоа е како да е сосема истрижена! А бидејќи е срамно жените да бидат истрижени или со избричена глава, нека носат покривала. Мажот не треба да носи покривало на главата бидејќи тој ја одразува Божјата слава и беше создаден според Божјиот лик. Жената пак, ја одразува славата на мажот. Зашто првиот човек не беше создаден од жена, туку жената беше создадена од маж. Не беше мажот создаден заради жената, туку жената заради мажот. Затоа жените треба да носат покривала на главата како знак на потчинетост, бидејќи ангелите гледаат. Но според Господ, ниту мажот е независен од жената, ниту жената е независна од мажот. Како што жената потекнува од мажот, така и мажот дошол на свет преку жена, а Создател на се што суштествува е Бог. Кажете сами, дали прилега жена да Му се моли на Бог без покривало на главата? Зар самата природа не ве учи дека на мажот не му прилега да носи долга коса? Од друга страна, за жената долгата коса е украс. Таа и е дадена како еден вид покривало на главата. Но, ако некој има намера да се препира околу ова прашање, ниту ние, ниту другите Божји цркви немаме таков обичај. За следното прашање, за кое ќе ви дадам упатства, не можам да ве пофалам, зашто се чини дека вашите собирања предизвикуваат повеќе штета одошто полза! Пред се, слушам, а делумно и верувам во тоа, дека, кога се собирате на богослужби, меѓу вас има подвоеност. Неизбежно е и меѓу вас да се појават групи што ќе се отцепат од вас. Но така ќе се види кој се држи до вистината. Слушам дека кога се собирате на Господовата спомен-вечера секој гледа брзо да си го изеде тоа што го донесол, па еден останува гладен, а друг се опива! Си немате ли вие куќи, па таму да јадете и да пиете? Или сакате да ги презирате сиромашните во Божјата црква!? Што да ви кажам? Зар да ве фалам? За тоа не можам да ве пофалам! И вам ќе ви го пренесам она што Господ мене ми го предаде. Ноќта кога беше предаден, Господ Исус зеде леб, се заблагодари, го раскрши и рече: „Ова е Моето тело што се крши за вас. Правете го ова како спомен за Мене.“ Исто така, по вечерата зеде чаша со вино и рече: „Оваа чаша е Новиот завет меѓу Бог и вас, запечатен со Мојата крв. Потсетувајте се на ова секогаш кога ќе пиете за сеќавање на Мене.“ Секојпат кога за оваа цел јадете од лебот и пиете од чашата, ја прикажувате смртта на Господ, се додека Тој повторно не дојде. Секој што недостојно јаде од лебот или пие од чашата Господова, виновен е за непочитување на телото и крвта на Господ. Секој прво нека се преиспита, а потоа нека јаде од лебот и нека пие од чашата принесена како Господова спомен-вечера. Зашто, оној што зема учество во спомен-вечерата Господова, а нема правилна вера, разбирање и почит спрема телото на Господ, си навлекува осуда врз себе! Затоа меѓу вас има многу слаби и болни, а некои дури и починаа. Кога самите себеси би се преиспитувале, не би биле казнувани. А кога Господ не кара и казнува, тоа е за да не поправи, па да не бидеме осудени заедно со неверничкиот свет. Затоа, драги мои, кога се собирате да ја јадете Господовата спомен-вечера, причекувајте се! Ако е некој гладен, нека јаде дома. Така вашите собирања нема да ви носат осуда. А за другите работи, ќе ви дадам упатства кога ќе дојдам.