1 Коринтјаните 11
11
1Следете го мојот пример, како што јас го следам примерот на Христос.
2Мило ми е, драги пријатели, дека постојано сум ви во мислите и ве пофалувам дека точно го следите христијанското учење, онака како што ви го пренесов.
3Но има нешто што сакам да го знаете: Секој маж има свој поглавар, а тоа е Христос, и секоја жена има свој поглавар, а тоа е нејзиниот маж. И Христос има свој поглавар, а тоа е Бог.
4Секој маж што се моли или пророкува со покривало на главата го срамоти својот поглавар, односно Христос.
5И секоја жена што се моли или пророкува гологлава, го срамоти својот поглавар, односно мажот, зашто тоа е исто како да и е избричена главата.
6Ако некоја жена не сака да носи покривало на својата глава, тоа е како да е сосема истрижена! А бидејќи е срамно жените да бидат истрижени или со избричена глава, нека носат покривала.
7Мажот не треба да носи покривало на главата бидејќи тој ја одразува Божјата слава и беше создаден според Божјиот лик. Жената пак, ја одразува славата на мажот.
8Зашто првиот човек не беше создаден од жена, туку жената беше создадена од маж.
9Не беше мажот создаден заради жената, туку жената заради мажот.
10Затоа жените треба да носат покривала на главата како знак на потчинетост, бидејќи ангелите гледаат.
11Но според Господ, ниту мажот е независен од жената, ниту жената е независна од мажот.
12Како што жената потекнува од мажот, така и мажот дошол на свет преку жена, а Создател на се што суштествува е Бог.
13Кажете сами, дали прилега жена да Му се моли на Бог без покривало на главата?
14Зар самата природа не ве учи дека на мажот не му прилега да носи долга коса?
15Од друга страна, за жената долгата коса е украс. Таа и е дадена како еден вид покривало на главата.
16Но, ако некој има намера да се препира околу ова прашање, ниту ние, ниту другите Божји цркви немаме таков обичај.
17За следното прашање, за кое ќе ви дадам упатства, не можам да ве пофалам, зашто се чини дека вашите собирања предизвикуваат повеќе штета одошто полза!
18Пред се, слушам, а делумно и верувам во тоа, дека, кога се собирате на богослужби, меѓу вас има подвоеност.
19Неизбежно е и меѓу вас да се појават групи што ќе се отцепат од вас. Но така ќе се види кој се држи до вистината.
20Слушам дека кога се собирате на Господовата спомен-вечера
21секој гледа брзо да си го изеде тоа што го донесол, па еден останува гладен, а друг се опива!
22Си немате ли вие куќи, па таму да јадете и да пиете? Или сакате да ги презирате сиромашните во Божјата црква!? Што да ви кажам? Зар да ве фалам? За тоа не можам да ве пофалам!
23И вам ќе ви го пренесам она што Господ мене ми го предаде. Ноќта кога беше предаден, Господ Исус зеде леб,
24се заблагодари, го раскрши и рече: „Ова е Моето тело што се крши за вас. Правете го ова како спомен за Мене.“
25Исто така, по вечерата зеде чаша со вино и рече: „Оваа чаша е Новиот завет меѓу Бог и вас, запечатен со Мојата крв. Потсетувајте се на ова секогаш кога ќе пиете за сеќавање на Мене.“
26Секојпат кога за оваа цел јадете од лебот и пиете од чашата, ја прикажувате смртта на Господ, се додека Тој повторно не дојде.
27Секој што недостојно јаде од лебот или пие од чашата Господова, виновен е за непочитување на телото и крвта на Господ.
28Секој прво нека се преиспита, а потоа нека јаде од лебот и нека пие од чашата принесена како Господова спомен-вечера.
29Зашто, оној што зема учество во спомен-вечерата Господова, а нема правилна вера, разбирање и почит спрема телото на Господ, си навлекува осуда врз себе!
30Затоа меѓу вас има многу слаби и болни, а некои дури и починаа.
31Кога самите себеси би се преиспитувале, не би биле казнувани.
32А кога Господ не кара и казнува, тоа е за да не поправи, па да не бидеме осудени заедно со неверничкиот свет.
33Затоа, драги мои, кога се собирате да ја јадете Господовата спомен-вечера, причекувајте се!
34Ако е некој гладен, нека јаде дома. Така вашите собирања нема да ви носат осуда. А за другите работи, ќе ви дадам упатства кога ќе дојдам.
Селектирано:
1 Коринтјаните 11: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.