Откровение 10
10
1Потоа забележав еден друг силен ангел како слегува од небото. Беше обвиткан со облак, а над главата имаше божилак. Лицето му светеше како сонце, а нозете - како огнени столбови.
2Во рацете држеше отворена книшка. Десната нога му беше врз морето, а левата врз копното.
3Тој проговори со глас како лавовски рев. Во одговор се огласија седум грмотевици.
4Кога се огласија седумте грмотевици сакав да го запишам тоа што го рекоа тие, но еден глас од небото ми рече: „Не запишувај го тоа што го рекоа седумте грмотевици; тоа нека остане тајна!“
5Тогаш, ангелот што го видов порано со едната нога врз морето а со другата врз копното ја крена својата десна рака кон небото
6и се заколна во името на Вечно-Живиот, Творецот на небото, на Земјата, на морето и на секое живо суштество во нив, велејќи:
7„Одлагање повеќе ќе нема! Штом ќе затруби седмиот ангел ќе се исполнат Божјите тајни планови, како што Тој им навестуваше на Своите слуги - пророците!“
8Тогаш пак ми проговори гласот од небото и ми рече: „Оди, земи ја отворената книшка од раката на ангелот кој стои врз морето и врз копното.“
9Кога отидов кај ангелот да му ја побарам книшката, тој ми рече: „Земи ја и изеди ја! Таа во устата ќе ти биде блага како мед, но кога ќе ја проголташ во стомакот ќе ти стане горчлива!“
10Ја зедов книшката од ангелот и ја изедов; во устата ми беше слатка како мед, но кога ја проголтав, ми ја загорчи целата утроба.
11Тогаш ми беше речено: „Ќе треба да продолжиш да ја проповедаш Божјата пророчка порака за она што ќе се случи со луѓето од многубројните народи, раси, јазици и со нивните цареви.“
Селектирано:
Откровение 10: MNT
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.